Skip to main content

Ристески: Минималната плата да се договара на преговарачка маса

Сојузот на синдикатите и работодавците да седнат на преговарачка маса и да се договорат за минималната плата. Она што ќе го договорат, Владата ќе го прифати, истакна денеска заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески. Тој нагласува дека до тогаш важи постојната формула од трипартитниот договор од  2022 година.

Владата е за покачување на минималната плата, но врз база на реални параметри кои се актуелни во економската состојба и ситуација во Македонија. Она што ние го застапуваме како став е да се договорат, бидејќи најголемиот товар ќе оди на приватниот сектор каде се 600.000 вработени. Треба да седнат и она што ќе го договорат синдикатите и работодавците, Владата ќе го прифати. Владата е работодавец на околу 100.000 вработени во администрацијата. Да нагласам, сѐ додека не се договорат важи постојната формула што е вклучено во Законот за минимална плата што ја договориле на трипартитен договор токму овој репрезентативен синдикат, Организацијата на работодавачи и тогашната Влада во 2022 година, рече тој.

Според Ристески, Оперативниот план за вработување, главно млади лица, даде одлични резултати, а годинава стартува порано, од март. Потенцира дека повеќе пари се насочуваат во поатрактивните дејности.

Лани оперативниот план од 40 милиони евра даде големи резултати со реализација на 90 проценти. Годинава се предвидени повеќе средства за многу поатрактивни мерки каде најмногу од парите ќе бидат насочени. Очекуваме преку 16 000 лица, од кои претежно млади, невработени до 29 години, да го искористат правото и со овие активни мерки да се вработат во текот на оваа година. Оваа година, за разлика од лани, оперативниот план ќе биде ставен во функција уште од март. Ги повикувам младите да ги користат овие мерки, рече Ристески.

Ристески најави дека повеќекратно ќе се зголемат казните за трговците кои не го почитуваат Законот за нефер трговски практики од сегашните 20.000 евра.

Направени се голем број контроли од КЗК, откриени се поголеми неправилности. Има отворено 30 предмети, а се контролира и Законот за заштита на потрошувачите. Досега се изречени казни во висина од околу 200 000 евра што сметаме дека е многу малку. Инсистираме да има промени во казнената политика и зголемување на казните и очекуваме сегашните казни од 20 000 евра повеќекратно да се зголемат, дури и по 200 000 евра и освен трговците, да бидат казнети и добавувачите. Со зголемувањето на казните, ќе имаме уште поголема контрола на цените, објаснува Ристески.

Заменик-министерот нагласи дека по два месеца се очекуваат ефектите од Законот за работно ангажирање лица, кој стапи во сила со почетокот на годинава. Најави дека наскоро ќе почне кампања со која бенефитите од Законот ќе бидат претставени пред фирмите во сите градови.

Законот за работно ангажирање лица е за сузбивање на сивата економија. Опфатени се три дејности: угостителството, земјоделството и услужните дејности и очекуваме да даде добри резултати, па со законот да бидат опфатени и други дејности. Очекуваме да бидат опфатени околу 15.000 лица кои ќе бидат работно ангажирани. Официјална промоција на Законот ќе имаме на 3 февруари. Ќе имаме и кампања низ цела Македонија и на лице место на сите работодавци ќе им биде објаснето како полесно да го искористат овој закон, рече Ристески.

Посочи дека годинава е зголемен младинскиот додаток од 3.000 на 5.000 денари за млади до 23 години кои ќе бидат ангажирани во производните дејности.

Вкупната вредност на парите предвидени за младински додаток се 210 милиони денари, а исплатата ќе биде преку Агенцијата за вработување. Ги повикувам сите заинтересирани, производни капацитети во Македонија, фирми, кои сакаат да ангажираат млади, да ги вработат. Покрај платата, ќе го добиваат и овој младински додаток, сега од 5.000 денари. Досега, од 2020 година, овој младински додаток го имаат искористено околу 19.000 млади лица во Македонија, просекот годишно е над 3.000 лица, а сега, со зголемување на додатокот, очекуваме над 3.500 млади да работат во производните дејности, објаснува заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

Поврзани вести