
Пониски цени, поквалитетни услуги, поголем избор на оператори, поголема конкуренција. Ова се само дел од придобивките од влезот на третиот мобилен оператор за кој Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ја започна постапката за влез на нашиот пазар. Станува збоер за унгарската телекомуникациска компанија 4iG, која е веќе присутна на пазарите во Албанија и Црна Гора под брендот „ONE“, а сега преку македонската фирма „Оне Македонија Телекомуникации“, има намера да им конкурира на А1 Македонија и Македонски Телеком.
АЕК објави намера за организирање јавен тендер со јавно наддавање за издавање одобренија за користење на радиофреквенции. Барањето е на новата македонска компанија во сопственост на 4iG. Постапката ќе трае еден месец, до 16 мај, кога заинтересираните компании ќе може да достават писма за интерес. На тендерот нема да можат да учествуваат постојните два мрежни оператори, со цел да се овозможи влез на нов играч на пазарот.
Ќе бидат понудени три фреквенциски опсези со вкупна почетна вредност од над 8 милиони евра.
Владата и „4iG“ Групацијата, една од водечките ИКТ компании во Унгарија и Западен Балкан, лани на почетокот на септември потпишаа Меморандум за разбирање со цел да се забрза дигиталната трансформација во Македонија во делот на економијата и инфраструктурата
Меморандумот кој претставува основа за долгорочна соработка меѓу Владата и „4iG“ Групацијата ги истакнува можностите за влез „4iG“ Групацијата на телекомуникацискиот пазар во Македонија и ги идентификува стратешките области за идниот развој на телекомуникациските услуги и инфраструктурата во земјата.
Меморандумот за разбирање го потпишаа заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и претседателот на „4iG“ Групацијата Гелерт Жазаи.
Документот, кој ја поставува основата за долгорочна соработка меѓу двете страни, ги потенцира можностите за „4iG“ Групацијата за влез на телекомуникацискиот пазар во Македонија и ги дефинира заедничките цели за идната соработка и тоа:
– Подобрување на искуството на клиентите преку воведување на најсовремени мобилни и широкопојасни технологии за да се обезбедат побрзи и посигурни комуникациски и интернет услуги.
– Имплементација на инвестиции во врвни технологии засновани на 5G, IoT и вештачка интелигенција за развој на дигиталниот екосистем во Македонија со оглед на посветеноста на Владата за иницијативата „Чиста мрежа“.
– Отворање на нови и квалитетни работни места преку формирање на регионални канцеларии и оперативни центри кои ќе имаат за цел зголемување на економскиот раст и долгорочен развој.
– Минимизирање на влијанието врз животната средина и поддржување на зелените иницијативи, стимулирање на иновациите, технолошкиот развој и претприемништвото во партнерство со локални економски субјекти.
Меморандумот за разбирање потпишан меѓу Владата и „4iG“ Групацијата е целосно во согласност со „Планот за одржливост на Македонија 2030“ и посветеноста на државата за програмата „Чиста мрежа“.
Како сопственик на операторот „ONE Црна Гора и ОНЕ Албанија”, „4iG“ Групацијата е една од водечките телекомуникациски и ИТ оператори во Западен Балкан, опслужувајќи речиси 2,2 милиони корисници и 400 илјади деловни клиенти во овие две земји.
Со своето работење, групацијата постојано напредува, продолжувајќи да ги проширува своите услуги, експертиза и портфолио за да одговори на променливите потреби и барањата на телекомуникациските и ИТ пазари. Групацијата вработува над 8.000 луѓе.
„4iG“ Групацијата е водечка телекомуникациска компанија во Унгарија и Западен Балкан и една од водечките компании во областа на знаење и дигитална економија. Иновативниот пристап на Групацијата и нејзината позиција како водечки унгарски интегратор на телекомуникациски и ИТ системи ја прави компанијата лидер во нудење на услуги во делот на дигиталната трансформација во регионот.
Иако во земјава постојат и четири виртуелни оператори, пазарот останува доминиран од А1 и Македонски Телеком со над 96% учество. Влезот на трет мрежен оператор се смета за клучен чекор кон подобра конкуренција, поевтини услуги и поголем избор за граѓаните.
Новиот оператор ќе донесе поголема конкуренција, поевтини цени и повисок квалитет на услугите. Според најавите, 4иГ планира да инвестира 100 милиони евра во следните 10 години.
Нашата анализа кажува дека цените за мобилната, како и за кабелската телевизија и интернет услугите се поскапи од најголем дел европски земји. На пазарот постои класичен дуопол. Затоа мора да бараме мерки да поевтинат услугите. Граѓаните да имаат подобри и поевтини услуги. Затоа потенцијално решение е трет мобилен оператор. Време е државата да прави за граѓаните, објави Министерот за транспорт и заменик претседател на Владата, Александар Николоски минатата година во јули .
Во Македонија до 2015 година имаше три мобилни оператори, но тогашните Уан и ВИП се споија во една фирма Уан.Вип, која во 2019 се преименува во А1 Македонија.
По спојувањето, АЕК им одзеле дел од фреквенциите, токму за да остават простор за евентуален влез на трет мобилен оператор.
Автор: А.С.Н.