
Во Брисел се одржа состанок на кој присуствувале Државниот секретар на Министерството за транспорт на Македонија, Стефан Волкановски, директорот на ЈП Железници Инфраструктура, Синиша Ивановски, заменик-министерот за транспорт и врски на Бугарија, Љубен Нанов, а во организација на Валентина Суперти, директор за Западен Балкан во Директоратот за проширување и Источно соседство (ДГ ЕНЕСТ).
На состанокот, како што соопшти Министерството за транспорт, кој се одржал во позитивна и конструктивна атмосфера, како продолжение на последниот состанок во октомври 2024 година, се разменија мислења и се потврди посветеноста и потребата кон финализација на делот од железничкиот коридор VIII.
Двете страни разговараа за напредокот што е постигнат во последните месеци и се согласија за потребата од обновување на напорите за подготовка на студии и тендер за завршување на прекуграничните делови од коридорот, со посебен осврт на тунелското решение.
На состанокот на високо ниво се договорија чекорите во следните месеци, при што беа идентификувани приоритети меѓу кои и повторно објавување на тендерот за работите на железничкиот дел помеѓу Крива Паланка и влезот на прекуграничниот тунел до крајот на 2025 година од страна на Македонија.
Од Министерството посочуваат дека се разговарало и за активностите од бугарската страна и активностите што ги преземаат во делот на железницата.
Во однос на заедничкиот проект за изградба на прекуграничниот тунел помеѓу Ѓуешево и Деве Баир, двете страни се договориле да формираат работни групи кои до крајот на месец јули ќе го финализираат текстот на меѓувладиниот Договор со цел да се утврдат конкретните обврски на двете страни за техничките, финансиските, градежните и оперативните аспекти.
Исто така, се разговарало за содржината и потпишувањето на договорот оваа есен со што би се отворил патот за започнување на градежни работи на почетокот на 2026 година.
Двете страни се согласиле да продолжат со активностите за изградбата на прекуграничниот тунел, кој ќе биде изграден во согласност со постоечкиот технички проект доставен од страна на Македонија.
Двете страни се обврзале да ги истражат најсоодветните можности за заедничко аплицирање за финансирање од ЕУ или од партнерските финансиски институции за заедничка изградба на тунелот.
Европската Инвестициска Банка која исто така беше дел од средбата понуди своја подготвеност да помогне во техничките дискусии и да помогне во целокупниот процес.
Источниот дел од коридор VIII ги поврзува Македонија и Бугарија и е дел од Европскиот транспортен коридор Западен Балкан – Источен Медитеран.
Иницијативата за изградба на овој коридор, исто така има силна поддршка од Европскиот координатор за коридорот Западен Балкан – Источен Медитеран и од Постојаниот Секретаријат на Транспортната заедница, кои исто така учествуваа на состанокот, соопштуваат од Министерството.