Петстотини милиони евра поволни средства се обезбедија од унгарската Експорт-импорт банка за редовно и целосно сервисирање на обврските коишто доспеваат во јануари 2025 година по основ на издадена Еврообврзница во 2018 година. Договорот за заем со унгарската Експорт-импорт банка денеска во Будимпешта го потпиша министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Денеска во Будимпешта потпишавме нов Договор за заем од Унгарската експорт-импорт банка од која обезбедуваме нови 500 милиони евра, средства неопходни за раздолжување на веќе издадена Еврообврзница во 2018 година. Со овој заем обезбедуваме поволни услови за отплата на обврските коишто доспеваат во јануари. Заемот согласно Договорот е одобрен со рок на отплата од 15 години, со вклучен грејс период од 3 години и каматна стапка од 3,25% која е многу пониска од каматата доколку се одлучевме да издадеме нова Еврообврзница за која каматата е над 6% и на тој начин да направиме заштеди во Буџетот. Дополнително заштеди се прават и по основ на трошоци за провизии кои за овој заем се околу 50 илјади евра, наспроти трошоците за издавање Еврообврзница кои достигнуваа и над 1 милион евра“, рече министерката за финансии.
Таа истакна дека е особено важно што заемот е под истите услови како и првиот заем за кој беше потпишан Договор во октомври. и изрази благодарност до унгарската Влада за дадената поддршка.
Средствата ќе бидат достапни на земјата на почетокот на јануари со цел навремено да се рефинансира Еврообврзницата. Оттаму важен аспект е дека повлекувањето на овие средства нема да влијаат на нивото на јавниот долг, односно се повлекуваат средства во оној износ во кој е издадена и Еврообврзницата“, рече министерката.
Договорот е потпишан согласно Законот за задолжување на РС Македонија со заем кај Унгарската експорт-импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност по Договор за заем за буџетско финансирање и финансирање општи цели, што го усвои Собранието. Владата имајќи го предвид позитивното искуство од соработката со Унгарија во однос на поволните финансиски услови при обезбедувањето на првиот заем за буџетско финансирање и финансирање на општи цели, пристапи кон обезбедување на вториот заем во износ од 500 милиони евра.