
Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Гоце Димовски денеска имаше работна средба со Питер ван дер Легте, извршен потпретседател на ВДЛ Груп, Аврам Стојчевски, генерален директор на компанијата ВДЛ Ван Хоол Македонија и Питер ван дер Веген, генерален менаџер на холандската компанија PWT Group BV, на која се разговараше за моменталната состојба на двете компании, како и за понатамошните планови и можности за инвестирање во рамки на зоните.
Димовски, информираат од Дирекцијата на ТИРЗ, ја посочи важноста на континуираната поддршка за сите компании кои работат во рамки на ТИРЗ, потенцирајќи ги можностите за инвестирање кои ги нуди Македонија. Во таа насока, тој истакна дека во соработка со Владата и сите останати институции, активно се работи за уште подобри услови за инвестирање, што позитивно ќе влијае на националната економија.
Од страна на менаџментот на ВДЛ Ван Хоол беше изразено особено задоволство за досегашната соработка, при што беа презентирани тековните активности на компанијата, како и плановите за во иднина. Дополнително, беа нагласени и стратешките цели за континуиран раст, унапредување на производствените процеси и креирање на нови работни места. Питер ван дер Веген, генерален менаџер на холандската компанија PWT Group BV, како долгогодишен деловен партнер на ВДЛ групацијата, истакна дека Македонија со својата стабилна бизнис клима претставува атрактивна дестинација за инвестирање. Тој истакна дека производите на компанијата се користат низ целиот свет во најсложените апликации, исполнувајќи ги исклучително високите барања за квалитет, соопшто Дирекцијата на ТИРЗ.
Инаку, компанијата е производител на надворешни и внатрешни запчаници, менувачи и пињони/пињонски вратила, а со своите ултрамодерни машини е во можност да извршува разни тешки механички процеси, користејќи најнови CNC техники и машини за да се гарантира најдобар квалитет и време на извршување. Производите се наменети за бројни индустрии, како рударската, челичната, нафтената и гасната индустрија и индустријата за одржлива енергија

Македонски








