
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, соопшти дека за година и половина имаме 24 нови дестинации од двата македонски аеродроми, а Скопскиот аеродром е со најголем процент на раст во регионот.
Николоски додава дека следува зголемување на капацитетите и модернизирање на аеродромите.
До денес имаме 24 нови дестинации од двата аеродроми. Ги има од „Визер“, но ги има и други компании. Пред неколку дена ги објавивме новите поврзувања со Братислава и Милано, веќе следно ќе имаме поврзување Охрид – Виена, којшто ќе е со „Аустриан Ерлајнс“, така што различни компании отвараат различни дестинации“, изјави Николоски во гостување во емисијата „Стадион” на Канал 77.
Во споредба со останатите аеродроми во регионот, Николоски истакна дека процентот на раст на Скопскиот аеродром за оваа година, според реномираните списанија за авиосообраќај, ќе биде најголем во однос на останатите аеродроми во регионот. Вицепремиерот исто така најави дека веќе се размислува за зголемување на капацитетите на македонските аеродроми.
Уште сега постојат услови да се отворат уште шест шалтери на постојниот терминал на скопскиот аеродром, а за брзо време ќе започнеме и целосна реконструкција на Охридскиот аеродром, кој што треба во помала варијанта да заличи на Скопскиот, една модерна терминална зграда која што ќе се изгради таму“, најави министерот за транспорт.

Во однос на странските инвестиции тој кажа дека целта е да ги задржиме странските инвестиции на сегашното ниво и да го отвориме патот на истражувачки центри кои ќе отвараат високоплатени работни места.
Мислам дека ние ќе ги стабилизираме странските инвестиции на ова ниво, од неколку причини. Првата причина е, за кој било инвеститор да инвестира надвор од сопствената држава, треба сопствената држава да има раст. ЕУ од каде што доаѓаат најголем број од инвестициите, заради војната во Украина, веќе години наназад има рецесија, и компаниите главно се затвораат внатре. Второ, автомобилската индустрија, која што е главен двигател на инвестициите во Македонија, во ЕУ е во криза. И третиот фактор е, во 2006 година, кога ние ја почнавме политиката на странски директни инвестиции, невработеноста беше речиси 40 проценти. Денес, скоро и да нема невработен во државата, и нормално е дека апетитот за инвестирање не може да е ист. Сега наша задача е да ги одржуваме и да носиме инвеститори кои што ќе отвараат истражувачки центри, и кои што ќе даваат добро платени работни места. Тоа е следната фаза кон која се стремиме – истакна, меѓудругото“, вицепремиерот Николоски.

Македонски


