
Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на движењето на инфлацијата во државата и споредба со другите држави, изјави:
Живееме во прилично предизвикувачко време. Имаме две војни, коишто се случуваат, озбилни војни. Еве од последните информации коишто ги добивам, војната во Заливот повторно почнува да разгорува, војната во Украина. Она коешто за нас претставува предизвик, а тоа е да имаме навремено снабдување и доволно снабдување на граѓаните и бизнисот со енергенси. Претпоставуваме дека битолчани се сведоци, како дел од соседите доаѓаат тука и ги користат потенцијалите на бензинските пумпи коишто се во околината на Битола или во Битола за да ги наполнат своите резервоари со гориво. Што значи дека ние обезбедуваме и за нив, не само за нашите потреби.
Статистички имаме најниска цена и убедливо најниска цена. Некој ќе рече, ама нашата плата колкава е, колкава е цената на бензините и на дизелот. Да, така е, но тоа е берзански производ. Тоа не зависи од претприемачка логика, тоа не зависи од политики на Владата, тоа е берзански производ и сите од иста берза купуваме. Процесот е како го менаџираме од тој момент, додека го користат граѓаните. И така било со децении наназад.
Така што, тој сеир ќе го оставам на оние коишто сè уште живеат во тоа политичко мочуриште како што е опозицијата и поедини структури коишто овде во Битола се обидуваат да, од публика креираат јавно мислење, а притоа кога имаат можности да направат нешто, за жал не само што ништо не прават, туку и уназадуваат. Но, има и такви, затоа викам, тие секогаш ќе останат политички маргиналци.
Инфлацијата е еден од тие сегменти коишто се случуваат во вакви предизвикувачки времиња. Ние во моментот, во јуни успеавме да имаме најниско ниво споредено со сите држави во регионот. И посебно ме радува што кај храната таа е некаде околу 2,5%, односно кај обувките и облеката околу 2,1%, односно е под 3%. До 3,4% контрибуираат тутунот, тутунските производи и алкохолот. И исто така транспортните услуги поради високите цени на горивата.
Се надевам дека ќе заврши ова конечно во Заливот и ќе можеме да планираме, би рекол поструктурирано и појасно во периодот којшто следи. Но и да продолжи, ние имаме план, имаме доволно резерви како да одговориме на овој предизвик.
Од страна на одредени политички сили во државата, ќе се шири бран на негативна енергија. Тоа впрочем се случува две години, се сеќавате ќе банкротиравме 2024, па не тогаш, еве преживеавме. Па 2025 ќе банкротиравме, не банкротиравме. Еве сега 2026 ќе сме банкротирале, еве нема да банкротираме. Финансиски стоиме многу подобро од било кога. Па мигранти ќе доаѓале, само што не дошле, еве и април помина, јули дојде, мигрант не видовме и така натаму. Тие ќе си продолжат со лаги, тоа е дел од нивната политичка стратегија. Ние треба да се фокусираме на она што претставува наша цел. И ако таа цел е вистински наша цел, ние ќе ја реализираме таа цел. Битно е да, во спортски жаргон да се изразам, да го оставиме срцето на терен. Ако го оставиме, тогаш резултати ќе има – истакна Мицкоски.

Македонски



