Skip to main content

Ќе продолжат инспекциските контроли, кај 70-80 проценти од објектите воочени неправилности, вели Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека и понатаму ќе продолжат инспекциските контроли во сите јавни објекти низ државата. Посочи дека кај 70-80 проценти од објектите биле воочени огромни неправилности.

Да, ќе продолжат и понатаму. Тие течат. Никогаш не престанаа. Јас можат да кажам дека воочени се огромни неправилности. Кога зборувам за огромни неправилности, зборувам конкретно за 70-80 проценти од објектите. Не зборувам за исклучоци, туку за пракса која што функционирала и повеќе нема да функционира, рече премиерот на настанот за реконструкција и пренамена на стоковна куќа во современ мултифункционален центар и музеј во Општина Радовиш.

Мицкоски потенцира дека разработуваат акциски план за одреден период да се прогласи мораториум и да се отстранат сите тие неправилности за оние кои сакаат да функционираат со дејноста со која што функционирале.

Но, истовремено морам да кажам дека и ресурсите и алатките со кои располагаме се ограничени. И со такви ограничени ресурси и алатки ќе продолжиме да ја истераме оваа работа до крај. И не само оваа работа, туку да спречиме да ни се повторуваат немили случувања и во иднина, рече премиерот Мицкоски.

Поврзани вести