
Почнувајќи од јулската плата започнува да важи привремена промена на структурата на придонесите за задолжително социјално осигурување. Оваа одлука внесе паника меѓу вработените, кои се исплашија дека ќе им се намали платата, дека ќе имаат помалку права во јавното здравтсво, но и недоумницата што во иднина ќе се случува со пензиите, со оглед на менување на ставката за издвојување средства за пензиското осигурување. Иако на прв поглед изгледа дека работниците ќе плаќаат повеќе за пензиско осигурување, суштината е дека вкупните придонеси остануваат исти – 28 проценти. Суштината на оваа одлука е дека се менува само распределбата меѓу различните видови придонеси.
Според новите правила, придонесот за пензиско и инвалидско осигурување се зголемува од 18,8 на 19,9 проценти, додека придонесот за осигурување во случај на невработеност се намалува од 1,2 на 0,1 процент.
Придонесите за задолжително здравствено осигурување остануваат непроменети – 7,5 проценти, како и дополнителниот придонес за повреда на работа и професионално заболување од 0,5 проценти.
Дека нема да се исплатат помали плати покажува пресметката за минимална бруто плата, каде нето платата се намалува за само 1 денар, што е последица на начинот на пресметка и заокружувањето, а не на зголемување на вкупниот товар за работниците. Најупростено кажано, работниците нема да почувствуваат разлика во платата, бидејжи државата не го зголемува вкупниот износ на придонесите, туку само ги прераспределува средствата меѓу пензискиот фонд и фондот за осигурување во случај на невработеност.
Следно, се врши привремена измена на стапката на придонесот за пензиското и инвалидското осигурување за стажот на осигурување што се смета со зголемено траење изнесува:
-9,95% за вршење на работи и задачи на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 18 месеци,
-8,29% за вршење на работи и задачи на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 17 месеци,
-6,63% за вршење на работи и задачи на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 16 месеци,
-4,98% за вршење на работи и задачи на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 15 месеци,
-3,32% за вршење на работи и задачи на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 14 месеци и
-1,66% за вршење на работи и задачи на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 13 месеци.
Согласно новите законски измени, Управата за јавни приходи ќе биде надлежна за пресметка на придонесите за самовработени лица кои данокот го плаќаат по паушално утврден нето-доход, со што се намалува административниот товар за оваа категорија обврзници.
Се врши и усогласување со Законот за здравствено осигурување, со воведување можност странци со регулиран престој да пристапат кон задолжително здравствено осигурување, како и обезбедување пристап до здравствено осигурување за лица под привремена заштита.
Важно е да се нагласи дека новите стапки ќе се применуваат само за платите исплатени за периодот од јули до декември 2026 година, по што, доколку не се донесат нови законски измени, повторно ќе важат досегашните стапки.
Работодавачите треба да ги ажурираат стапките во своите payroll системи пред пресметката на јулската плата, додека компаниите што користат надворешни услуги за пресметка на плати нема да имаат дополнителни обврски бидејќи усогласувањето ќе биде направено автоматски.

Македонски



