
Германската компанија „Гересхајмер“ ја зголемува својата инвестиција во ТИРЗ Скопје 2, информираат утрово од Дирекцијата за ТИРЗ.
Во насока на континуирана комуникација со сите инвеститори, директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски оствари средба со менаџментот на германската компанија „Гересхајмер“, што ја гради својата втора фабрика во ТИРЗ Скопје 2. На средбата се разговараше за досегашните активности на компанијата и плановите за зголемување на инвестицијата на 140 милиони евра, што првично изнесуваше 126 милиони евра, се подвлекува во соопштението.
Димовски истакнал дека ова зголемување на инвестицијата претставува позитивен знак за успешноста на политиките на Дирекцијата во соработка со Владата. Тој посочил дека зголемувањето на довербата од страна на инвеститорите е потврда дека државата може да понуди стабилна, предвидлива и конкурентна бизнис – клима, што е од клучно значење за реализација на долгорочни високотехнолошки проекти што ќе донесат висока додадена вредност за целата економија.
Томас Мартинс, директор на фабриката во Скопје, како што се додава во соопштението, изразил задоволство за досегашната соработка со Дирекцијата за ТИРЗ и Владата, при што било нагласено дека токму стабилната поддршка и отворената комуникација биле клучни фактори во одлуката за проширување на инвестицијата. Од негова страна било истакнато дека оваа проширена инвестиција ќе генерира пошироко индустриско и економско влијание врз регионот, вклучувајќи повисоки технолошки стандарди и зајакнати мрежи на добавувачи, при што се очекувало и зголемување на просечниот годишен раст на продажбата на локацијата.
Ова зголемување од 126 милиони евра на 140 милиони евра, сериозно ја позиционира германската фармацевтска компанија „Гересхајмер“ како сериозна инвестиција во историјата на независна Македонија, при што се очекуваат нови високо платени работни места. Дирекцијата за ТИРЗ и натаму продолжува активно да работи на унапредување на деловната клима, со цел привлекување на нови странски директни инвестиции, како и поттикнување на постоечките инвеститори за проширување на своите проекти, со цел унапредување на Македонија како атрактивна локација за странските инвеститори, потенцираат од Дирекцијата за ТИРЗ.

Македонски








