
Општина Демир Капија ги повика земјоделците да пријават штети од ниски утрински пролетни температури, што го зафатија регионот на Тиквешијата пред неколку дена.
Ги известуваме сите земјоделци од територијата на Општина Демир Капија кои претрпеле штети на земјоделските насади како последица од елементарна непогода – измрзнување, дека имаат можност да поднесат барање за утврдување и проценка на штетите, се вели во јавниот повик што го објави демиркаписката локална самоуправа.
Пријавувањето на штети, со цел обесштетување, ќе трае до 30 април 2025 година. Кон поднесеното барање задолжително треба да се приложат фотокопии од лична карта, трансакциска сметка и имотен лист.
Ги охрабруваме сите засегнати земјоделци навремено да ја искористат оваа можност за пријавување на настанатите штети, се вели во јавниот повик од Општината.
Претходно, вакви јавни повици објавија и локалните самоуправи на Кавадарци и Росоман.