Skip to main content

Во Истанбул се урна дел од зграда на седум ката, спасувачите бараат луѓе под урантините

Принтскрин од видео

Утрово околу 5:40 часот се урнаа првите три ката од седумкатна зграда во населбата Малтепе во Истанбул. Несреќата се случила на улицата Догу во населбата Џевизли, а причината сè уште се утврдува. Сите надлежни служби – пожарникари, полиција, екипи на Управата за управување со катастрофи и вонредни состојби (AFAD) и медицински екипи – веднаш беа испратени на местото на настанот, јавува Анадолу .

Спасувачите прво ги евакуираа жителите кои останаа во становите на повисоките, неповредени катови. Во исто време, започна пребарување во урнатините. Утврдено е дека текстилната работилница на приземјето од зградата била празна во моментот на уривањето.

Со помош на кучиња трагачи, екипите извлекоа пет лица, меѓу кои и две деца, од урнатините. Повредените беа згрижени и префрлени во блиските болници.

Принтскрин од видео

Во операцијата се вклучени голем број спасувачи. Противпожарната служба распоредила 175 лица со 56 возила и кучиња трагачи, додека AFAD има 25 лица, пет возила и две кучиња трагачи на терен. Полицијата ги затворила пристапните патишта и ја обезбедила пошироката област околу зградата за да можат екипите да работат без пречки. Поради ризикот од понатамошно уривање, спасувачите влегуваат во зградата со строги мерки на претпазливост.

Гувернерот на Истанбул, Давут Ѓул, го посети местото на несреќата заедно со началникот на полицијата во Истанбул, Селами Јилдиз. Во изјава за медиумите, Ѓул рече дека зградата е изградена во 1987 година и се состои од деловен простор на приземје и шест станбени ката со вкупно 12 станови.

Тој ја објасни ситуацијата со станарите.

Според официјалните податоци, во зградата се пријавени 33 лица. Уривањето зафати четири стана на првите три ката. Според нашите записи, во овие станови се пријавени вкупно 14 лица. Досега утврдивме дека двајца од станарите биле во нивниот роден град. Од преостанатите 12 лица, петмина се спасени, воспоставивме контакт со четворица, а потрагата по тројца продолжува“, рече гувернерот.

Поврзани вести