
Уставниот суд на Косово вчера воведе привремени мерки за указот за распуштање на Парламентот издаден на 6 март од претседателот на Републиката, Вјоса Османи, пренесува Еуроњуз Албанија.
Оваа одлука ѝ забранува на Османи да презема какви било дејствија во врска со указот, а исто така му забранува на Собранието на Косово да презема какви било дејствија додека привремените мерки се на сила.
Судот објави дека мерката ќе остане на сила до 31 март и додека не се донесе конечна одлука во случајот.
Во образложението за одлуката се наведува дека е донесена „со цел да се спречи непоправлива штета на уставниот поредок и демократското функционирање на основните институции на земјата“.
Воведувањето на привремени мерки во суштина значи дека Османи не може да одреди датум за нови парламентарни избори сè додека мерките се на сила.
Косовскиот парламент не успеа да избере претседател на седницата на 5 март поради недостаток на кворум, бидејќи опозициските партии ја напуштија седницата. Воздржаноста на опозицијата е последица на неплодните преговори меѓу премиерот Албин Курти и лидерите на опозициските партии за наоѓање заеднички, консензуален кандидат.
Еден ден подоцна, Вјоса Османи нареди распуштање на парламентот, повикувајќи се на член од Уставот кој предвидува избор на нов претседател на републиката 30 дена пред истекот на мандатот на сегашниот претседател. Мандатот на Османи завршува на 4 април.
Многу уставни експерти во Косово ја доведуваат во прашање исправноста на одлуката за распуштање на парламентот и тврдат дека Уставот предвидува рок од 60 дена од датумот на започнување на процесот за избор на претседател на Републиката.
Политичките аналитичари на Косово гледаат политичка целесообразност во одлуката на Османи, која не ја криеше нејзината амбиција за втор мандат. Сепак, ниту една партија не прифати да ја номинира за кандидат. Вјоса Османи подготвуваше партија за учество на евентуални нови парламентарни избори, јавуваат во Приштина. Политичките амбиции на актуелната претседателка на Косово пораснаа по поканата што ја прифати од американскиот претседател Доналд Трамп да учествува во таканаречениот „Совет за мир“.
На Косово, во првите две гласања е потребно двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници, додека во третото гласање е доволно релативно мнозинство.

Македонски

