Известувачот на Европскиот парламент (ЕП) за Србија, Тонино Пицула, го осуди насилството и заканите кон демонстрантите во Србија, истакнувајќи дека од земја-кандидат за членство во Европската Унија се очекува да ги изведе сторителите пред лицето на правдата.
– Насилството, заканите и навредите се недозволиви, што јасно го осудив во јавноста. Очекувам одговорните за нападите врз демонстрантите да бидат изведени пред правдата, бидејќи тоа е нешто што се очекува од земја што сака да стане членка на ЕУ, изјави Пицула за белградскиот портал European Western Balkans (EWB).
Пицула, кој е дел од групата на Социјалисти и демократи во ЕП, оцени дека Србија, по оставките на премиерот Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, влегува во нова фаза на неизвесност и ситуација во која е тешко да се предвиди идниот развој на настаните.
Хрватскиот европратеник посочи дека протестите на студентите прераснале во масовно граѓанско движење и претставуваат „најзначајниот облик на општествен и политички активизам не само во Србија, туку и пошироко“.
– Големи протести во Србија имаше и неодамна, но овие носат посебна динамика. Мојот впечаток е дека властите не успеваат да ги потиснат поради нестандардниот профил на нивните активности, на што властите реагираат со стандардни механизми како да се групи кои лесно може да се разотидат – или со употреба на сила во различни форми или со обезбедување некаков социјален и материјален надоместок, рече Пицула.
Тој ги оцени како неосновани обвинувањата на српските власти и провладини медиуми дека хрватските служби работат на соборување на претседателот Александар Вучиќ од власта, истакнувајќи дека тие служат за дискредитација на политичките противници во Србија.
– Манипулативното однесување на официјален Белград се повторува секогаш кога режимот се соочува со внатрешни кризи. Властите повторно се обидуваат да го свртат вниманието на јавноста со обвинувања кон соседните земји во дневно-политички цели. Судеjки според реакциите на многу граѓани, оваа тактика е неуспешна, нагласи Пицула, пренесува весникот Данас.
За минатонеделното приведување и протерување на пет хрватски државјанки, кои учествувале на Академијата за невладини организации организирана од Фондацијата „Ерсте“, тој изјави дека се работи за „провокација со цел да се испровоцира реакција од Загреб“.
– Приведувањето и протерувањето на хрватски државјани под изговор дека ја загрозуваат националната безбедност може да се толкува само како смислена провокација за предизвикување реакција од Загреб, која потоа би била искористена за прикажување на режимот како заштитник на националните интереси, оцени Пицула.
Осврнувајќи се на процесот на проширување на ЕУ на Западен Балкан, тој предупреди дека моментумот лесно може да биде изгубен, не само поради стагнацијата или назадувањето на европскиот пат, туку и поради внатрешните политички проблеми на земјите-членки на Унијата.
– Најдобар пример за тоа е сегашната политичка нестабилност во Франција, како и околностите во кои ќе се одржат претстојните избори во Германија. Многу земји-членки на ЕУ денес најмногу се занимаваат со сопствените проблеми. Токму затоа, земјите-кандидати треба да се фокусираат на тоа што е во нивна моќ – спроведување реформи и решавање на проблемите посочени во европските извештаи, порача Пицула.
Тој најави дека неговиот нацрт-извештај за Србија ќе биде претставен на седница на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент на 19 или 20 февруари, додека неговото усвојување на пленарна седница се очекува во мај.
– Посетата на Србија ја планирам по претставувањето на нацрт-извештајот, во периодот пред фазата на поднесување амандмани од страна на другите пратеници. Датумите и деталите од посетата ќе зависат и од политичката ситуација во Србија, која очигледно влегува во нов циклус на внатрешна нестабилност, заклучи Пицула.