
Бројот на загинати по сударот на чамец со мигранти и патролен чамец на крајбрежната служба на Грција во морскиот дел во близина на островот Хиос, се зголеми на 15 лица, повредени се 24 мигранти, меѓу кои и 11 деца и двајца припадници на крајбрежната служба, а акцијата за спасување за евентуално исчезнати лица продолжува и денеска, јави дописничката на МИА од Атина.
Безживотните тела на 14 мигранти, како што синоќа објави МИА, беа извлечени од морето, додека пак подоцна, една од спасените жени почина во болница.
Од крајбрежната служба на Грција утрово соопштија дека синоќа, при редовна патрола, нивниот патролен чамец забележал гумен глисер со мигранти кој пловел без навигациски светла кон источните брегови на островот Хиос, во морската област Мирсиниди и не реагирал на светлосните и звучните сигнали упатени од патролниот брод, туку напротив, ја променил насоката, по што следел судир на глисерот со десната странична страна на патролниот брод.
Поради силниот судир, глисерот се превртел и потонал, при што сите патници паднале во морето, по што веднаш започнала акција за пребарување и спасување со четири патролни брода на Крајбрежната стража и еден приватен чамец со нуркачи, како и два хеликоптери на воената морнарица.
Вкупно 25 странски државјани (седум мажи, седум жени и 11 деца) беа извлечени од морето од еден патролен брод, повредени и пренесени на пристаништето, од каде беа префрлени во болницата „Скилицио“. Една од жените им подлегнала на повредите. Во болницата беа пренесени и двајца членови на екипажот на патролниот брод (еден маж и една жена). Мажот веќе е пуштен од болница, додека жената останува хоспитализирана за дополнителни испитувања. За време на потрагата, од два патролни брода беа пронајдени и извлечени вкупно 14 тела (11 мажи и три жени). Телата беа пренесени со патролните бродови на пристаништето, а потоа во болницата „Скилицио“ за да се изврши обдукција. Вкупниот број на жртви е 15 лица, соопштија од крајбрежната служба на Грција.
Додадоа дека се спроведува предистражна постапка, додека пак со пет патролни брода и еден хеликоптер на крајбрежната служба продолжува и потрагата по евентуално исчезнати мигранти.

Македонски



