Skip to main content
Средба на грчкиот премиер и претседателот на Кипар

Мицотакис и Христодулидис остануваат посветени во насоката кон решение на кипарското прашање

Кабинет на грчкиот премиер

Никозија и Атина остануваат во целосна координација, движејќи се цврсто во насока кон решение на кипарското прашање врз основа на резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации, принципите и вредностите на Европската Унија и европското законодавство, информираа од кабинетот на грчкиот премиер за телефонскиот разговор што Кирјакос Мицотакис го имал со претседателот на Кипар, Никос Христодулидис, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис и Христодулидис разговарале во пресрет на денешната заедничка средба на кипарскиот претседател, со лидерот на кипарските Турци и личната претставничка на генералниот секретар на ОН со цел одново започнување на преговорите.

Како што соопшти портпаролот на кипарската Влада, Константинос Летибиотис, Христодулидис го информирал Мицотакис и за двочасовната средба што денеска ја имаше со специјалниот претставник на ЕУ за кипарското прашање Јоханес Хан, на која била истакната „улогата што ЕУ може да ја игра како фактор што има политички и институционални алатки за решително да го поддржи повторното започнување и суштинскиот напредок на процесот“.

Активното вклучување на ЕУ не е само стратешки избор на Република Кипар, туку и признание дека решението на кипарското прашање е европско прашање што се однесува на кохезијата, на стабилноста и на безбедноста на целата Унија, посочи Летибиотис во писмената изјава.

Дополнително, двајцата лидери размениле мислења во пресрет на претстојната посета на Атина на личната претставничка на генералниот секретар на ОН. 

Поврзани вести