
Европската интеграција на Украина не може да биде на товар на тековниот процес на проширување со Западен Балкан, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на гостувањето во поткастот со Гидеон Рахман од „Фајненшл тајмс“, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис, објасни дека постои процес на проширување со многу јасни насоки, изрази желба сите земји кандидати да се приклучат што е можно побрзо, но додаде дека сепак, „процесот мора да се почитува“.
Интеграцијата на Украина е прашање за кое разговараме, но тоа не може да се случи на товар на процесот на проширување што веќе е во тек и што се однесува и на нашето соседство. Зборувам за Западен Балкан. Значи, постои процес што е во тек. Го исцртавме патоказот за Украина. Верувам дека се спроведени значајни реформи во таа насока, посочи Мицотакис.
Идентична порака, дека треба да постои европска перспектива и за Украина и Молдавија, но не на товар на Западен Балкан, упати и заменик-министерката за надворешни работи на Грција Александра Пападопулу во понеделникот за време на учество на конференција, кога, како што објави МИА, нагласи дека „ако постојат геополитички причини за промовирање на интеграцијата на Украина и Молдавија, постојат подеднакво важни геополитички причини за промовирање и на интеграцијата на Западен Балкан“.
Во поткастот на Рахман, грчкиот премиер говореше и за ситуацијата на Блискиот Исток, објаснувајќи дека ако кризата продолжи во догледна иднина, „ќе има значајни последици во смисла на постојано повисока инфлација и понизок економски раст“, но и повисоки цени.
Засега не забележуваме било какви недостатоци во нафтените деривати, што е важно за нас. На пример, во однос на горивата за авиони, Грција е значаен извозник на авионско гориво кон остатокот од Европа. Затоа, не очекувам недостиг, рече Мицотакис.
Грчкиот премиер истакна дека за Грција е од особена важност слободата на пловидба, а за евентуално воведување такса за премин низ Ормутската Теснина, категорично ја отфрли таа опција, карактеризирајќи ја како уцена.
Тоа би создало исклучително опасен преседан. Верувам дека би било целосно неприфатливо, не само за Грција, туку и за речиси секоја друга земја што има корист од слободната трговија. Тоа е чисто уценување. Не можеме да го прифатиме тоа. Европа не може да го прифати тоа, порача Мицотакис.
Повтори дека Грција секогаш поддржува изнаоѓање решение преку преговори, а доколку потоа, се појави потреба од мировна операција, тогаш земјата би била подготвена да учествува.(МИА)

Македонски


