Skip to main content

„Страв и надеж“ – претстава за современиот човек и неговите стравови на сцената на МНТ на 17 јуни

На 17 јуни, со почеток во 20:00 часот, на сцената на Македонскиот народен театар ќе биде изведена претставата „Страв и надеж“, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат, инспирирана од драмскиот свет на Франц Ксавер Крец – автор кој со својата хиперреалистична драматургија прецизно ги детектира општествените пукнатини на современиот човек.

Иако драмата тематски се поврзува со Орвеловата „1984“, дејството не е сместено во минатото, туку во денешницата – во време на војни, егзистенцијална несигурност, отуѓување и разорување на хуманистичките вредности. Свет во кој цивилизацијата се движи по тенка линија помеѓу надежта и бездната.

Претставата е составена од петнаесет сцени во кои ликовите се наоѓаат во пресудни мигови од животот – моменти исполнети со страв, осаменост, љубов, притисок и внатрешни судири. Низ жанровски разновидни ситуации, од хумористични до длабоко трагични, се отвораат прашања за човековата ранливост и опстанокот во современото општество.

Во претставата настапуваат: Сашко Коцев, Сашка Димитровска, Александар Микиќ, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Никола Ристановски, Тони Михајловски, Тања Кочовска, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.

Претставата „Страв и надеж“, чија праизведба се одржа на 22 април, е дел од официјалната селекција за јубилејното 60-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“.

Поврзани вести