
Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, (МАЕИ), во соопштение за јавноста, ги отфрла како неосновани и тенденциозни обвинувањата изнесени во написот „Бугарскиот прстен околу Македонија – Македонците во паника – Бугарија го топи нивното население на два фронта“, објавен на бугарскиот интернет-портал „Буревесник.бг“.
Во реакцијата се наведува дека станува збор за класична медиумска манипулација со цел замолчување на македонските активисти во Албанија.
Се додава дека во текстот директно се напаѓаат претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски, потпретседателот Ефтим Митрефски, како и членот на Централниот комитет, Никола Ѓурѓај.

-Овие написи претставуваат продолжение на долгогодишната политика на Бугарија за негирање на македонската нација и македонскиот идентитет. Македонска алијанса за европска интеграција со години доследно се бори против агресивната политика на Бугарија во Албанија, насочена кон асимилација на македонското национално малцинство. Таквата политика, која користи методи од 19 век, е спротивна на европските вредности и основните човекови права, стои во реакцијата.
Се нагласува дека реакциите на МАЕИ не се говор на омраза, ниту израз на нетрпеливост кон бугарскиот народ, туку „легитимна и демократска борба за заштита на македонскиот идентитет и правата на Македонците во Албанија“.
-Одбраната на сопствениот идентитет како Македонец не значи „бугаромразство“, се наведува понатаму во реакцијата и се најавува дека за изнесените манипулации и клевети, МАЕИ ќе поднесе тужба за клевета пред бугарските судови против интернет-порталот „Буревесник.бг“ и новинарот Петар Стефанов.
-И покрај притисоците со кои сме постојано соочени – преку разни методи, монтирани тужби пред албанските судови и други обиди за заплашување – Македонска алијанса за европска интеграција ќе продолжи одлучно да се бори против негацијата на македонскиот идентитет од страна на бугарските оркестрирани структури, како во Албанија, така и во европските институции, порачува МАЕИ во реакцијата.