
Европската Унија мора да го продолжи процесот на проширување на Западен Балкан, Молдавија и Украина, бидејќи нивното вклучување во Унијата е „најмоќната инвестиција“ во безбедноста и просперитетот на европскиот континент, изјави денеска во Загреб претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Европската Унија мора да го продолжи процесот на проширување на Западен Балкан, Молдавија и Украина, бидејќи нивното вклучување во Унијата е „најмоќната инвестиција“ во безбедноста и просперитетот на европскиот континент, изјави денеска во Загреб претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Кошта, по разговорот со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, истакна дека Хрватска има посебна улога во процесот на проширување бидејќи е најновата членка на ЕУ која го помина комплетниот пат на пристапување, што ги очекува и нејзините соседи од Западен Балкан.
– Вклучувањето на Западен Балкан, Молдавија и Украина во Европската Унија е најсилната инвестиција што ни е на располагање за безбедноста и просперитетот на нашиот континент. Тој процес мора да го продолжиме, заснован врз добро воспоставениот процес кој се темели врз заслуги, со целосно почитување на европските вредности и надградување на вистинскиот напредок што е остварен досега – рече тој.
Кошта во Загреб говореше и за војната во Украина, порачувајќи дека Русија мора да ја прекине војната и дека не смее дополнително да ја ескалира или проширува, соопшти Европскиот совет.
Тој изрази солидарност со Германија по неодамнешниот напад во Лајпциг и таквото однесување на Русија го нарече неприфатливо.
Дрон со експлозивна направа беше откриен на аеродромот Лајпциг/Хале, во источна Германија, во близина на украински карго-авиони, а Германија соопшти дека зад тоа стои Русија.
– Русија мора да сфати дека нејзините закани и напади, било хибридни или поинакви, нема да ја наведат Европската Унија да го промени својот став кон оваа војна. Нашиот став е заснован врз темелните вредности на меѓународното право, почитувањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и мирот. Затоа ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина, без оглед на тоа како Русија се обидува да ни се заканува или да нè застрашува – рече Кошта.
Претседателот на Европскиот совет истакна дека постигнувањето договор за буџетот на ЕУ за периодот 2028 – 2034 година до крајот на оваа година е еден од клучните приоритети, со цел парите од почетокот на 2028 година да им бидат достапни на граѓаните и компаниите.
Тој наведе дека новиот буџет треба да одговори на променетата геополитичка ситуација и да овозможи поголеми вложувања во одбраната и безбедноста, конкурентноста, иновациите и стратешката отпорност, но и да продолжи да ги поддржува кохезивната и земјоделската политика.
Кошта истакна и дека за постигнување договор ќе бидат важни нови извори на приходи на ниво на ЕУ, бидејќи националните буџети не можат да издржат неограничени придонеси.
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта со посетите на Луксембург, Хрватска и Унгарија ја продолжува турнејата низ земјите членки на Европската Унија со цел подготовка на буџетот на ЕУ.
МИА

Македонски

