
Центарот на Атина денеска е под силно полициско обезбедување и сообраќаен метеж, додека колони трактори и конвои со земјоделци од цела Грција пристигнуваат на најавениот голем протест пред Хеленскиот парламент. Главниот собир на плоштадот Синтагма е закажан за 16:00 часот, а организаторите најавуваат дека ќе останат таму во текот на целата ноќ.
Земјоделците бараат итно намалување на трошоците за производство, загарантирани цени за нивните производи и итни измени во државниот осигурителен систем за компензација на загубите. Иако претходно имаше средби со премиерот Киријакос Мицотакис, земјоделските здруженија велат дека не е понудено решение што ќе ја запре кризата во секторот.
Овојпат, протестот добива на масовност бидејќи кон земјоделците се приклучуваат и синдикатите кои протестираат против новиот закон за колективни договори. Со тоа, Синтагма станува сцена на две паралелни незадоволства.
Грчките власти веќе воведоа посебен сообраќаен режим на влезовите во Атика и централните градски улици. Дел од тракторите се транспортираат со камиони за да се избегне целосен колапс, додека илјадници земјоделци пристигнуваат со организиран автобуски превоз. Повлекувањето е најавено за утре, сабота, до пладне.

Македонски



