
Грција се соочува со драстична промена на времето и пад на температурите по неколкудневниот топлотен бран во кој живата на термометрите достигнуваше и до 40 степени.
Во градот Катерини, промената пристигна нагло, каде што за кратко време темни облаци го прекрија небото и започна пороен дожд.
Улиците брзо се испразнија, а метеоролошките служби соопштуваат дека овој нестабилен временски фронт веќе се шири и кон останатите делови од земјата и островите.
Први на удар беа островите во Јонското Море, по што врнежите и грмотевиците започнаа да се шират кон внатрешноста.
Врнежи од дожд и грмотевици се предвидуваат за регионите на Тесалија, Централна Грција со пошироката област на Атина, Евија, делови од Пелопонез, како и на Халкидики, Западна и Источна Македонија и Тракија.
Во текот на денот нестабилната зона продолжува да се движи кон исток, зафаќајќи ги Кикладите и Егејското Море, додека во вечерните часови локални врнежи се очекуваат и на Додеканезите.
Најинтензивни процеси се прогнозираат за во текот на вечерта, кога на одделни места се можни пообилни врнежи од дожд, силни грмотевици и појава на град.
Постепена стабилизација на атмосферските прилики се очекува од доцна навечер, додека во делови од централниот и источниот Егеј локални врнежи може да задржат и во раните утрински часови во сабота (25 јули).

Македонски


