
Најрадосниот христијански празник – Божиќ, се претвори во сцена на тешко злосторство во белградската населба Звездара. Шеснаесетгодишниот Д.П. во семејната куќа пукал во своите баба и дедо, а потоа се обидел да си го одземе животот.
Според првичните информации од истрагата, мотивот за нападот бил финансиски. Малолетникот наводно побарал 18.000 евра од своите баба и дедо, а откако тие одбиле да му ги дадат парите, го извадил огненото оружје.
Дедото З.П. (68) бил застрелан во главата и во критична состојба е префрлен на Военомедицинската академија (ВМА), каде лекарите се борат за неговиот живот. Бабата С.П. (67) е ранета во раката и се наоѓа во стабилна состојба.
По нападот, тинејџерот се обидел да изврши самоубиство, нанесувајќи си тешки повреди во пределот на стомакот и главата. Тој бил пронајден во локва крв и веднаш бил хоспитализиран, а лекарите вложуваат напори да го спасат неговиот живот.
Полицијата со часови го обезбедуваше местото на настанот, а форензичките екипи собираа докази. Истрагата за случајот е во тек, а надлежните органи утврдуваат како малолетникот дошол до оружјето и сите околности што довеле до трагедијата.

Македонски




