Skip to main content

Цветановски: Верувам во правда и во правичноста на Советот за јавни обвинители

МИА

Верувам во правда и правичноста на Советот за јавни обвинители – ни изјави денеска вишиот јавен обвинител Јован Цветановски, откако Советот на јавни обвинители едногласно ја укина неговата суспензија и одлучи предметот да го врати на повторно разгледување.

Тој накратко искоментира дека токму поради вербата во правичноста на Советот на јавни обвинители, ја очекувал денешната одлука.

По одлуката на Советот Цветановски се враќа на својата функција. Во изјава за медиуми по седницата, претседателот на СЈОРМ, Башким Бесими, изјави дека го разгледале решението и жалбите и констатирале дека има пропусти во Првостепената комисија во предметот за Цветановски.

Како Совет, ние не можеме да ги исправиме тие пропусти, бидејќи нашите надлежности не го дозволуваат тоа. Заради тоа предметот го враќаме назад со конкретни насоки, а потоа Комисијата ќе донесе нова одлука. Доколку повторно има жалба или по донесувањето на одлуката, ние ќе постапиме соодветно – рече тој.

Во однос на укинувањето на решението за суспензија, појасни дека согласно него, обвинителот се враќа на работа.

Причините за оваа одлука се самиот факт дека во решението имаше многу пропусти. Со тоа се создава основа јавниот обвинител да се врати на работа. Како Совет го констатиравме тоа и затоа одлучивме суспензијата да се укине. Со оваа одлука обвинителот се враќа на својата функција – рече Бесими за обвинителот Цветановски.

Јован Цветановски беше јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје. Тој стана познат поради неговата улога во предметот за бонусите исплатени во поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Цветановски беше суспендиран, а причината беше неговата одлука во врска со тој предмет. Тој тврдеше дека суспензијата е резултат на притисоци и обид за дискредитација, бидејќи одбил да донесе „незаконска одлука“ за бонусите. Во јавноста излезе со изјави дека врз него се вршени притисоци од други обвинители и дека суспензијата е дел од политички мотивирана хајка.

Поврзани вести