
Денеска по повод чествувањето на Денот на народното востание „11 Октомври“, министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски положија венец со свежо цвеќе пред спомен-обележјето на хероите од народноослободителната и антифашистичка борба – симбол на нивната жртва и нашата благодарност, на партизанските гробишта во „Бутел“.
Венец со свежо цвеќе положи и делегација од Армијата предводена од началникот на Генералштабот, генерал – мајор, Сашко Лафчиски.
По повод денешниот празник, министерот Мисајловски упати честитка до граѓаните.
Денешниот ден не потсетува на храброста, пожртвуваноста и идеалите на нашите предци, кои храбро ја поведоа борбата за слобода, правда и достоинствен живот. Нивната решителност за создавање независна и слободна држава останува наша трајна и нè обврзува сите нас да се заложиме во изградбата на посилна, посигурна и просперитетна Македонија. Да ја чуваме нашата Македонија. Да ги негуваме слободата, демократијата и заедништвото. Да продолжиме заедно кон визијата за современа, безбедна и просперитетна Македонија! Честит 11 Октомври – Денот на народното востание, се наведува во честитката на министерот за одбрана.