Skip to main content

Taка се сака Македонија: Љафтов нема пропуштено сет на Европските првенства

 Шестмина кои се во актуелниот состав на македонската репрезентација и се подготвуваат за учество на ЕвроВолеј 2026 имаат настапувано и на претходните три Европски првенства на кои играше македонската репрезентација. Најискусниот Владо Милев, Александар Љафтов, капитенот Никола Ѓоргиев, Стојан Илиев, Филип Маџунков и Ѓорѓи Ѓоргиев се играчите кои настапиле и на ЕП во 2019, 2021 и 2023 година.

Од нив Милев и Љафтов може да се пофалат дека немаат пропуштено натпревар, односно играле на сите 16 досегашни дуели на континенталните собири. Љафтов е единствениот кој ги играл сите сетови, 54, Милев има два помалку, односно 52 одиграни сета.

За Македонија ова е четврти настап на ЕвроВолеј, по учествата во 2019, 2021, 2023 година. На ЕвроВолеј 2026 се пласираше како петтопласирана репрезентација меѓу второпласираните селекции во квалификациската фаза. Во својата квалификациска група победи на натпреварите против Грузија, а ги загуби двата дуели со победникот во групата, Грција, објави ОФМ.

Најголемиот успех на репрезентацијата на ЕвроВолеј е во 2023 година кога ја мина групната фаза и стигна до осминафиналето, каде загуби со 3:0 од Италија во Бари.