
Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација Војдан Стојановски очекува победа на денешното гостување во Виена против Австрија.
Ова ќе биде прв дуел за Македонците во вториот претквалификациски циклус за пласман во квалификациите за Европското првенство во 2029 година.
– Нашата цел е јасна – победа против Австрија. Но, за да го оствариме тоа, ќе мора да бидеме перфектни и борбени во текот на сите 40 минути. Не треба да нè залажува нивниот пораз од Кипар. Играат на домашен терен и тука секогаш се менуваат работите. Ќе мора да бидеме перфектни и борбени во текот на сите 40 минути. Имаме добар тим. Штета што го немаме и Андреј Јакимовски, бидејќи за првпат ќе бевме комплетни. Иако имавме малку проблеми со здравствениот билтен, сепак трениравме добро и се подготвивме за овој натпревар. Се надевам дека и ние ќе имаме поддршка од трибините, изјави Стојановски.
Денешниот натпревар во Виена ќе има и посебно значење за Стојановски кој е на само еден чекор од јубилејната бројка – 100 настапи во дресот на националниот тим. Против Австрија, Стојановски треба да го забележи својот 99. настап за Македонија, а јубилејниот 100. меч би требало да го одигра во ноември, на домашен терен, против Кипар.
Стојановски веќе е рекордер по бројот на настапи во дресот на македонската репрезентација.
– За мене отсекогаш било чест и задоволство да играм за Македонија. Секогаш со голема гордост го носам националниот дрес и сакам да дадам сè од себе за репрезентацијата. Без разлика колку настапи имаш зад себе, секој нов натпревар е посебен и секогаш имаш дополнителна мотивација кога играш за својата земја. Во спортот има тешки моменти, има и моменти кога можеби е најлесно да се откажеш, но кога станува збор за Македонија, секогаш наоѓаш сила да продолжиш. Знаеме што ни значи овој дрес и ќе се бориме до крај, на секој натпревар, да го дадеме нашиот максимум, истакна Стојановски.
Натпреварот во Виена почнува во 16:05 часот.

Македонски


