Skip to main content

ФК Осогово не ги заборави верните навивачи Томас и Александар кои загинаа во пожарот во „Пулс“

Бистите на Томас Златков и Александар Стојанов верните навивачи на „Сејмени“ на Фудбалскиот клуб „Осогово“ во Кочани, а кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ пред речиси една година денеска беа откриени на Градскиот стадион од страна на нивните пријатели и семејства. На откривањето на бистите на Томас и на Александар присуствуваа и пратеникот во македонското Собрание, Миле Лефков и претседателот на советот на Општина Кочани, Александар Антов. Јулија Златкова мајка на Томас Златков се обрати пред навивачите на групата „Сејмени“ и публиката на ФК „Осогово“. Таа вели дека стои со чувство на огромна болка и тага, бидејќи како што рече нема погоголема болка кога мајка ќе го изгуби своето дете во трагедија. 

-Томас и Александар навистина беа посебни. Овие бисти кои се поставуваат во нивна чест се токму овде на трибините, каде што се чувствуваше најмногу нивната енергија и секогаш кога ќе доаѓаме овде на стадионот, иако сме ние тажни како нивно семејство ќе бидеме и горди, бидејќи се наоѓаат на местото каде што беа најсреќни, каде што најмногу се чувствуваше нивната енергија, рече Златкова. 

Таа порача бистите на Томас и Александар да стојат како вечен симбол на нивниот живот и дека најголемото богатство што човек може да го остави зад себе е добрината и споменот во срцата на луѓето. 

Претседателот на советот на Општина Кочани, Антов истакна дека Томас и Александар ќе навиваат на сите натпревари на ФК „Осогово“ заедно со верните навивачи на „Сејмени“. 

Пред една година во кочански „Пулс“ згаснаа 63 млади животи и над 200 беа повредни. Настаните во рамки на сдногодишната од пожарот во „Пулс“ продолжуваат утре со кошарарски натпревар, музичко-балетски перформанс, промоција на книга и доделување на признанија за лекарите и медицинскиот персонал од земјата и странство, кои учествуваа во лекувањето на повредните во дисокотеката „Пулс“. Централните настани се на 16 март во Кочани.

Поврзани вести