Skip to main content

Викендов отворена слушачка промоција на петтиот албум на македонскиот соло проект Пиколомини

Оваа сабота, со почеток од 12 часот во музичката продавница Ре:старт во ГТЦ, Шарла рекордс организира отворена слушачка промоција на петтиот албум на македонскиот соло проект Пиколомини – Може и така, драги. 

По пауза од 6 години, Пиколомини се враќа на сцена со музички материјал подготвуван внимателно и со лирска линија која прецизно го одразува духот на времето. Стилска шареноликост и критички став исполнет со иронија и меланхолија, испреплетени моменти на лична интроспекција, романтично-надреални разговори со Скопје, но и многу нежност во комуникацијата со време-просторот од кој постојано нѝ заминуваат најдрагите. Со нив и здравиот разум, малку по малку. Во свет на општа конфузија на реалноста и кога секој произволно си ја конструира сопствената верзија, прашањето што овој албум реторички го поставува е – може ли и така? 

Комплетен автор на материјалот е Давид Ангелевски, кој го потпиша и албумскиот дизајн, а пост-продукцијата е работена во студио Кларион од страна на Дејан Ангелевски.

Албумот ќе биде достапен на компакт диск во дигипак формат, во строго ограничен тираж. Истиот може да се преслуша и симне во дигитална верзија од Bandcamp профилот на Шарла Рекордс.

Поврзани вести