Skip to main content

Весна Писаровиќ на прв концерт во Македонија на 28 март

Една од најголемите хрватски поп ѕвезди Весна Писаровиќ конечно доаѓа во Македонија! На 28 март 2026 година, сцената на Филхармонија во Скопје ќе биде местото каде што препознатливиот глас што ги одбележа 2000-тите години ќе одекне со својата полна сила, во вечер исполнета со емоции, носталгија и врвна музика.

Во организација на Евентум продукција, македонската публика конечно ќе има можност да ја види и слушне во живо хрватската пејачка која со своите безвременски хитови како „Да знаш“, „Јутро доноси крај“ и „Сасвим сигурна“ стана симбол на една ера и остави неизбришлива трага на регионалната музичка сцена. Македонската публика ја памети и по дуетот кој го сними со Владо Јаневски за хрватската верзија на евергринот „Љубовта е моја религија“.

Весна по неколку години музичка пауза и живот во Берлин, каде што се посвети на џез музиката и настапуваше на престижни европски сцени, се враќа на поп сцената посилна од кога било, со нова енергија и звук што совршено го спојува нејзиниот препознатлив емоционален израз со свежи музички влијанија.

Во Скопје ќе ја слушнеме во најдоброто нејзино издание – со спој на нејзините големи хитови и нови изведби што ќе ја воодушеват публиката и ќе ја потсетат зошто нејзината музика сè уште живее во срцата на сите генерации.

Многу сум возбудена што конечно ќе пеам во Скопје! Македонија отсекогаш била земја со прекрасна публика и голема љубов кон музиката. Верувам дека оваа вечер ќе биде посебна – исполнета со емоции, спомени и топлина. Едвај чекам да се сретнеме и да ги отпееме песните кои нѐ поврзаа сите овие години“, вели Весна Писаровиќ, најавувајќи настап што ќе биде едно од најемотивните музички доживувања во 2026 година.

Концертот на Весна Писаровиќ во Скопје е повеќе од настан – тоа е средба со спомените, музиката и времето кога секоја песна носеше своја приказна. Затоа, подгответе се за вечер која ќе ги разбуди сите сетила и ќе ја запише 2026 година како година на големото враќање на еден од најубавите гласови на Балканот.

Поврзани вести