
На 28 август, Радовиш ќе заживее во ритамот на големата музичка прослава по повод Денот на македонските рудари и Денот на градот Радовиш. Во организација на рудниците Бучим и Боров Дол, оваа година публиката ќе има можност да ужива во настапите на два големи регионални бенда – Нокаут и Дивље јагоде – во вечер која ветува незаборавно музичко доживување.

Од 21:00 часот, сцената ќе ја запали македонскиот поп-рок бенд Нокаут, кој повеќе од две децении плени со своите емотивни балади и енергични хитови. Ќе се пеат од срце песни како Лебедот бел, За нас, Временска машина, Мене ми припаѓаш, Во бестрага, Кога ме сакаш ти, Еј би си, Илјада причини за крај…и многу други, создавајќи атмосфера која ги спојува сите генерации.

Во 23:00 часот, рок легендите Дивље јагоде, бендот кој ја дефинираше “hard & heavy” сцената на Балканот, ќе ја преземат сцената со своите препознатливи рифови и безвременски песни како Мотори, Шејла, Не желиш крај, Једина моја, Криво је море, Ауто стоп, Кап по кап, Сарајево, ти и ја… Со повеќе од четири децении музичка историја, нивниот настап ќе биде вистински спектакл за љубителите на моќен звук. Организаторите ветуваат вечер исполнета со врвна музика, силни емоции и забава што ќе се памети. Влезот е слободен, а потребно е само добро расположение и желба за заедничко славење на овој посебен ден.

Радовиш е подготвен за уште една незаборавна ноќ – бидете дел од оваа музичка магија и заедно да го прославиме Денот на македонските рудари и Денот на градот!