Книгата „Македонскиот вокален мелос во современиот контекст – Оживување на една заборавена музика“, којашто е во издание на „Флипбук букс“, ќе биде претставена во кафе барот Филхармонија во 19.30 часот.
Книгата е повеќеслојна и е плод на долгогодишно истражување во областа на музиката, пред сè на македонскиот вокален мелос, односно македонската пејачка традиција, и зборува за нејзината суштина, значење и применливост во различни контексти на денешницата.
Интересна е всушност апликативната улога на авторката, бидејќи истовремено ни се обраќа како етнолог, антрополог и музиколог, но и како пејач кој своите истражувања преку сцената, ги втиснува длабоко во срцата на публиката.
Книгата изобилува со интересни гледишта во однос на нејзината поврзаност со културните појави некогаш и денес, и при тоа дава коментар на тоа, дека музиката е неприкосновен идентитетски маркер.
Дел од книгата зборува и за музичкиот бран кој го разбуди “Љубојна” и нејзината улога во оживувањето на оваа, своевремено маргинализирана, музика, станувајќи моќно јадро кое ја анимира јавноста.
Заедно со актуелни музичари и млади пејачки грла од класата на м-р Милошевска-Јосифовска, со музичка сесија во живо и изведба на различни вокални стилови од пејачката традиција на Македонија, ќе биде презентирано сè што не сте знаеле (а ве интересира) за нашиот безвременски македонски мелос и ќе продолжи во предновогодишна концертна забава со “Љубојна”.
Промотер на настанот е проф. д-р Илина Јакимовска, а свој осврт ќе даде и проф. д-р Велика Стојкова Серафимовска.