Skip to main content

Утре почнува „Скопје се Лади“ со настапи на македонски дџ и турскиот продуцент и дџ Бурак Јетер

По успешното прво издание, фестивалот „Скопје се лади“ се враќа по вторпат и на 5 септември ќе го претвори Стадионот на АРМ во Скопје во најголемата летна музичка сцена во државата. Годинашниот фестивал носи ексклузивен настап на светски познатиот диџеј и продуцент Бурак Јетер, кој за првпат доаѓа во Македонија. Како автор на глобалните хитови „Tuesday“ и „My Life Is Going On“, кој е главна тема на серијата „Мани хајст“, Бурак Јетер е едно од највлијателните имиња на современата електронска музика.

Неговиот хит „Tuesday“ беше број еден во повеќе од 80 земји, а видеото има над 820 милиони прегледи на Јутјуб и повеќе од една милијарда слушања и прегледи на сите дигитални платформи. Добитник е на престижни меѓународни музички награди, редовно се наоѓа на листата „Диџеј маг топ 100“, а зад себе има настапи на најголемите светски фестивали, меѓу кои „Тумороуленд“, „Ултра мјзуик фестивал“ и „Парокавил“ и е првиот диџеј во светот што одржал настап во стратосферата.

Покрај главната ѕвезда, фестивалската програма ќе ја збогатат и едни од најдобрите домашни и регионални артисти.

Посетителите ги очекуваат повеќе од пет часа врвна електронска музика, современа продукција, спектакуларни светлосни и сценски ефекти и атмосфера каква што досега ретко била видена во Скопје. „Скопје се лади“ има амбиција да стане препознатлив музички бренд и еден од најзначајните фестивали во регионот, кој ќе го позиционира главниот град како атрактивна дестинација за големи музички настани и меѓународни изведувачи.

Сцената е подготвена со најнови видео и аудио-визуелни ефекти. Марга Сол, Дџ Бугимен, Анастас и Дџ Аја ќе го започнат настанот со свежи електонски ритми, како загревање за ѕвездата на вечерта, турскиот дџ и продуцент Бурак Јетер.

Ова е неговото прво гостување во Македонија, а пред само неколку дена на социјалните мрежи тој се обрати кон македонската јавност, честитајќи го Денот на независноста на Македонија.
Картите се уште можат да се набават на vleznica.mk.

Во копродукција оваа година се приклучи и Сан Продакшн МКД, овозможувајќи уште поефективна организација на настанот. Почетокот е закажан за во 19ч.

Поврзани вести