
Скопје на 12 јуни ќе биде домаќин на уникатен музички настан, каде публиката во „Public Room“ ќе има ретка можност да доживее концерт што ги надминува класичните жанровски рамки. Проектот „TRANSMIssION“ на македонскиот перкусионист и композитор, Александар Петров, претставува спој на традиционалните балкански ритми и современата електроника, нудејќи звучно патување низ времето, културата и модерниот израз.
Во центарот на ова музичко патување е тапанот – еден од најстарите инструменти на овие простори, чиј звук со векови ги придружувал народните песни, ора и семејните собири. За Петров, тапанот е симбол на културна меморија и движечка сила на проектот.
Срцето го дава ритамот на животот, тапанот го дава пулсот на срцето – е мислата што ја води целата концепција на TRANSMIssION.
Концертот ќе биде структуриран во две целини. Во првиот, „TRANSMIssION Acoustic“, публиката ќе има можност да слушне авторски композиции на Петров, како и музика инспирирана од традиционалното наследство и записите на етномузикологот Васил Хаџиманов. Вториот дел, „TRANSMIssION Electronic“, ќе понуди современи електронски звучни пејзажи, импровизации и амбиентални структури.

Александар Петров е еден од ретките музичари кои успеале традиционалниот македонски тапан да го внесат во современи музички контексти – од џез и world music до современ танц и импровизирана музика. По музичкото образование во Македонија и студиите по класични перкусии во Париз, Петров настапува и соработува со големи имиња како Марсел Халифе, Теодосиј Спасов, Бачар Мар Халифе, Бојан З и многу други.
Неговата интернационална кариера го носи и во Њујорк, каде што е еден од основачите и уметнички директор на легендарниот џез-клуб WhyNot Jazz Room на Менхетен, простор низ кој минуваат некои од најголемите светски џез музичари. Неговата музика не ја третира традицијата како музејски експонат, туку како жив материјал од кој создава нови, возбудливи звучни светови.

На концертот ќе настапи и Тања Царовска, чиј препознатлив вокал е дел од бројни филмски, телевизиски и театарски продукции ширум светот, а нејзиниот глас остава силен печат во филмови како „The Passion of the Christ“ на Мел Гибсон и „Troy“ на Волфганг Петерсен, каде што учествува и како ко-композитор на вокалниот дел од музиката.
Во текот на својата кариера соработувала со врвни филмски композитори како Џејмс Хорнер, Габриел Јаред, Џон Дебни и Џоселин Пук, а критиката и публиката нејзиниот глас го опишуваат како магичен, етеричен и длабоко емотивен.
На сцената ќе настапи и Симеон Петров, музичар роден во Париз, чија биографија претставува редок спој на класично образование и современа музичка авантура. Како дете пее во хорот на катедралата Нотр Дам, а подоцна дипломира труба, оргули и пијано. Неговата кариера опфаќа настапи со бројни состави од областа на џезот, свингот и современата музика, носејќи на сцената исклучителна музичка широчина и чувствителност.
Електронскиот дел на TRANSMIssION добива дополнителна димензија преку настапот на француската диџејка и продуцентка Lenna, чиј звук ги спојува Tech House, Afro House и современите електронски влијанија. Нејзината кариера вклучува настапи во престижни клубови и фестивали низ Франција и светот, како и резиденции во клубовите на COYA Music Group во Лондон, Дубаи и Миконос.
Нејзините сетови се препознатливи по енергијата, хипнотичниот грув и способноста да ги поврзат различните музички култури во едно единствено искуство.
TRANSMIssION е проект кој подеднакво им се обраќа на љубителите на традиционалната музика, џезот, електрониката и современите експериментални форми. Тој ја истражува врската меѓу наследството и иднината, помеѓу акустичното и електронското, помеѓу локалното и универзалното – велат организаторите, најавувајќи „концерт кој не само што се слуша, туку и се доживува“.

Македонски



