Skip to main content

Концерт на Националниот џез оркестар и Шеун Кути на „Охридско лето“

На сцената на Долни Сарај во Охрид, Националниот џез оркестар со Шеон Кути од Нигерија утревечер, на 10 август во 21 часот ќе држат концерт во рамките на фестивалот Охридско лето. Диригент е Џијан Емин. На програмата се авторски композиции од богатото творештво на Кути, со аранжмани специјално направени за изведба со биг-бенд оркестар.

Националниот џез оркестар е резултат на напорите на врвните џез-музичари од земјава со интернационална кариера, студенти и професори од џез-академиите во Скопје и Штип, како и на бројните љубители и поддржувачи на џез-музиката во Македонија.

Како национална установа постои од 2024 година, а почетоците и првите биг-бенд концерти датираат од 2016 година, во рамките на Здружението на џез-музичари и слободни уметници.

Мисијата на оркестарот е да ја обедини и збогати македонската џез-сцена преку афирмација и популаризација на џез-музиката, како во земјава, така и на меѓународно ниво. Целта на оркестарот е да ја подобри музичката продукција, да едуцира млади таленти и нова публика, и да организира настани кои ќе помогнат во негувањето на џез-културата и културата, воопшто.

Концертот на Националниот џез оркестар на „Охридско лето“ е во придружба на познатиот нигериски музичар, пејач и текстописец Шеон Кути, познат по своите атрактивни изведби и социјално свесна музика. Најмладиот син на пионерот на афробитот, Фела Кути, поголемиот дел од својот живот го помина зачувувајќи го и продолжувајќи го политичкото и музичкото наследство на неговиот татко како водач на бендот „Еџипт 80“ (Egypt 80).

Неговата дискографија со бендот вклучува 5 албуми од кои последниот Heavier Yet (Lays The Crownless Head,) издаден минатата година, е продуциран од Лени Кравиц.

Шеон Кути е номиниран за наградата „Греми“ во 2018 година и често соработува со врвни џез-музичари.

Поврзани вести