Skip to main content
VqqLERK7X4Y
Три работи што сакам луѓето да ги знаат

Имаме над 250 настапи годишно, многу си ја сакаме работата, а сите се збунети кога ќе ме видат во сметководителство, вели Ивана од „Компас бенд“

Ретко кој не ги гледал „Компас бенд” на нивните многубројни свирки низ Скопје, каде настапуваат со децении. Ивана Ѓеоргиевска, Љупчо Ваневски и Мишо Стојановски годината ја заокружуваат со нов музички проект, за кој вчера во ресторанот „Де Гама” организираа дружба со најблиските соработници и медиумите, пред кои го претставија сработеното.

Се работи за нова песна и тоа на српски јазик со наслов „Очигледно”, на која како автор се потпишува нивниот пријател Зоран Рудан – Цеки, односно музика и текст, додека аранжманот е на Иле Спасев. На промоцијата беа присутни и авторите, кои не го криеја своето задоволство од соработката со екипата на „Компас бенд”.

За овој најнов музички проект се сними и високобуџетен спот, а како режисер на истиот се потпишува младата режисерка Ана Марија Јанковиќ. Спотот е снимен на неколку локации во нашиот главен град, а за потребите на снимањето е користена специјална сценографија и визуелни ефекти.

Ние сме презадоволни, како од авторскиот тим, така и од тандемот Ана Марија Јанковиќ и Дарио Јанковиќ. Очекуваме песната да и се допадне на публиката, а првите реакции се веќе такви. Ова беше наша втора песна за оваа 2024 година, но за следната 2025 година имаме многу и големи планови, велат од „Компас бенд”.

Ивана ги сподели трите работи што сака луѓето да ги знаат за „Компас бенд“ и момците на кои им се придружила пред 12 години и со кои сега ретко кога имаат слободна недела од настапи. Вели сите имаат и други професии, но музиката е нивната голема љубов и без разлика колку е тешко, секогаш со радост одат на секој следен настап.

  1. Прво и основно, си ја сакаме многу работата, најискрено.
  2. Иако сите сметаат дека тоа е многу лесна работа, сега може влегов и во втората работа, сепак бара напор, бара енергија, но кога нешто навистина го сакате само тогаш излегува така како што треба. Напорно е, во смисол физички, грлото треба да издржи, меѓутоа кога ќе дојдеме помеѓу луѓе и кога ќе видиме енергија и кога ќе ја осетиме таа енергија тогаш се исполнуваме и добиваме елан за понатаму да можеме да работиме.
  3. Секој од нас работи нешто друго. Јас работам во сметководство, еве да ги поздравам колешките од сметководственото биро „СГ Ваневска“. Кога ќе ме видат, не само колешките, гости што ме познаваат од кафана, ќе ме видат во канцеларија и обратно од канцеларија во кафана, и како сега на спотот: „Аха, ти ли си таа истата?“. Нормално, однесувањето е поинакво, респектот кон двете работи ми е секако ист, меѓутоа таму е еден друг облик на Ивана. Колегите, исто така работат друго, Љупчо работи со разгласи, со најголемото озвучување во градот, си работи колку што јас имам години и повеќе со таа работа со својата сопруга. Другиот колега работи со интернет, сите правиме нешто друго освен музиката, но сепак музиката е таа што нè спојува на едно место и каде што сме ние, да речам, ние сме тие!

Поврзани вести