
Хрватскиот поп-феномен Јаков Јозиновиќ приреди незаборавен музички спектакл вечерва на Античкиот театар во Охрид, во рамките на неговата летна турнеја „Ја за чуда летим“. Концертот беше комплетно распродаден уште пред самиот настан, привлекувајќи илјадници обожаватели и туристи кои создадоа неверојатна еуфорија низ охридските улици.
Јаков приреди магична атмосфера под отворено небо, а концертот беше совршена симбиоза на емоции, носталгија и модерна поп-енергија под Самоиловата тврдина.
Публиката започна да пристигнува уште во 18:00 часот, а камените трибини и околните локали над театарот беа исполнети до последното место. Илјадници гласови ги пееја песните во еден глас, преземајќи ја улогата на придружен хор. Посебен визуелен и емотивен белег остави изведбата на баладата „Рај“, кога целиот Антички театар засвете од запалените телефони на публиката.
Ова беше втор концерт на младата регионална ѕвезда во Македонија (по априлскиот настап во Скопје). Репертоарот на Јаков понуди извонреден баланс помеѓу неговиот нов материјал и безвременските регионални хитови. Публиката имаше можност премиерно да ги слушне песните од неговиот деби-албум „Ја за чуда летим“. Како и на претходните настапи, Јаков воодушеви со своите моќни интерпретации на вечните хитови од Тоше Проески, Здравко Чолиќ, Оливер Драгојевиќ, Дино Мерлин и Ѓорѓе Балашевиќ.
Затекнат од спектакуларниот пречек и плачот на тинејџерките во првите редови, младиот пејач со неверување се обрати кон присутните со зборовите: „Ова досега не сум го видел!“ Охридската вечер уште еднаш потврди дека Јаков Јозиновиќ со право ја носи титулата на најголема нова балканска поп-сензација.

Македонски


