Skip to main content

Најбитно во животот е да сме здрави, да бидеме со семејството и да сме свесни за моментите што ги делиме, кажа словенечката актерка Леа Цок на „Синедејс“

Филмот „Бело се пере на деведесет“, топла и трогателна приказна за растењето и загубите во кој Македонија е копродуцент заедно со Словенија, Италија, Хрватска, Србија и Црна Гора, синоќа беше премиерно прикажан во киното „Фросина“ во Скопје во рамките на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ кој завршува утре, на 10 декември.

Режисер на филмот Марко Набершник, кој заедно со писателката Броња Жакељ го напишаа и сценариото, по книгата на Жакељ со истоимениот наслов.

Македонски копродуцент е „Црна мачка продукција“.

По проекцијата синоќа во „Фросина“, пред публиката се поклонија македонскиот продуцент Томи Салковски, кој се заблагодари на „Синедејс“ што филмот ја имаше македонската премиера токму на овој Фестивал, продуцентот Алеш Павлин, актерките Аница Добра и Леа Цок и македонскиот тон-мајстор Игор Поповски.

Ова е еден специјалн филм, вистинска приказна. Филмот е снимен по романот, кој синоќа надмина 150 илјади гледачи во кината во Словенија и тоа е навистина голема бројка. Многу ми е драго што филмот ги спои сите земји на поранешна Југославија. Ова е копродукција на Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора и Македонија, реше продуцентот Павлин.

Српската актерка Аница Добра раскажа анегдота поврзана со снимањето на филмот.

Јас учев словенечки за потребите на снимањето на филмот. Словенечки уште не зборувам, но имав верба во тон-мајсторот, знаев дека тој ќе ми каже кога нешто ќе згрешам. Доаѓам на снимање и прашувам, каде е тонецот? Се запознаваме и слушам некој акцент. Го прашувам: пријателе, од каде си? Од Македонија, ми одговара. Па браво, супер, велам! Нему се што ќе кажев, му беше добро, раскажа Добра.

Леа Цок првпат е во Скопје и имаше само убави зборови за домаќините на „Синедејс“ и за гостопримството на скопјани, а акцент беше ставен и на добрата храна што ја пробала.

Драго ми е што сме овде, ви посакувам се најдобро. Не заборавајте што е најбитно во животот: Да сте здрави, да бидете со своето семејство и да сте свесни на моментите кои ги делите. Тоа е навистина се што имаме, рече Цок.

Филмот „Бело се пере на деведесет“ е трогателна, инспиративна и проткаена со хумор приказна за животот на Броња (Леа Цок), додека ја следиме низ различни фази од животот. Како дете, таа ужива во истражувањето на светот со својот помлад брат, Рок, и наоѓа утеха кај нејзината баба, Дада (Аница Добра). Но, нејзиното безгрижно детство завршува кога нејзината мајка ја губи битката со ракот, а во доцните тинејџерски години и таа самата мора да се соочи со подмолната болест, кога ѝ е дијагностициран Хочкинов лимфом. Приказната е заснована на вистински настани и адаптација на истоимениот роман на словенечката писателка Броња Жакељ. Филмот го прикажува патот до созревањето на Броња во текот на 80-тите и 90-тите години од минатиот век, преку нејзината лична трансформација, нудејќи им надеж и инспирација на гледачите.

Директор на фотографија е Максимилијан Сушник, монтажата – на Милица Јелача Спасиќ, музиката на Лука Чут, а инженер на звук е Игор Поповски.

Улогите ги толкуваат: Леа Цок, Аница Добра, Јуриј Зрнец, Тјаша Железник, Жига Шорли, Меи Рабич, Јака Мехле, Владимир Тинтор, Ива Крајнц Баргола, Саша Табаковиќ, Јуре Рајшп, Полона Јух, Блаж Доленц.

Поврзани вести