
„Мајка вештерка“ во режија на Минос Папас во кој македонски копродуцент е „Фокус Покус“ на фестивалот во Ротердам
Филмот „Мајка вештерка“ во режија на Минос Папас, копродукција меѓу Кипар, Македонија, Канада и САД ( Константинос Никифору, Минос Папас, Дарко Попов/ Caretta Films, Cyprian Films New York, Focus Pocus Films) на 3 февруари ќе биде прикажан во официјалната селекција на годинешното издание на Меѓународниот филмски фестивал во Ротердам.
Кипар, 1882 година. Селото е под британска окупација, а Елени, сликарка која се стекнала со образование на француски јазик, шета низ селото со своите три деца, собирајќи цвеќиња за од нив да направи пигменти. Додека децата си играат во урнатините на стара црква, се случува несреќа во која тие загинуваат од уривање на ѕид.
Жигосана и проколната од селаните, Елени се повлекува ги пали своите слики и детските играчки. Нејзината изолација ја прекинува Михалакис, чувствително момче злоупотребено од неговиот насилен татко, кој е воодушевен од нејзината уметност, но Елени го вовлекува во забранет ритуал вкоренет во традицијата за кој верува дека може да ги врати нејзините деца.
Како што се приближува Божиќ, ритуалот станува мрачен: ѝ треба крв за портретот што ќе ги воскресне. Иако се двоуми, Михалакис се нуди себеси. Таа ноќ, сенките се ројат, Михалакис исчезнува и нешто древно се ослободува…
До крајот на филмот ќе се открие дали преку уметноста, животот продолжува.
Црпејќи инспирација од фолклорот на неговиот роден Кипар, песочните куќи и пејзажи обоени од Сонцето, Минос Папас раскажува слоевита приказна за тага и искупување што се провлекува низ митовите и историјата, христијанството и паганството, како и низ теророт и сочувството. Како син на филмски режисери (филмот на неговиот татко „Крадец на живот“ беше прикажан на IFFR 1976), Папас го продолжува семејното наследство со оваа модерна бајка која истовремено е вкоренета во митот и безвременото.

Македонски



