Skip to main content

Филм се прави за публика, се надевам ќе дојдат да го гледаат татковци со деца кои играле „кантер-страјк“ и „кол оф дјути“, вели продуцентот Никола Китановски за новиот филм во „Синаплекс“

Република

​​Филм се прави за публика. Може да го направиме најдобриот филм, ако никој не го види, џабе е, вели пред денешната премиера на 11 март во скопското кино „Синаплекс“ Никола Китановски, кој е продуцент на „Уште една игра“ (One more game), американско-македонски филм. Режисер е Ник Јансен, кој е сценарист и монтажер на филмот, а продукцијата е на „Моушн креатив“ од САД. Како што вели Китановски, филмот е сниман со американски пари, а се работело во Македонија во 2023 година со голема македонска екипа. Музиката е на Кирил Џајковски.

Во филмот играат: Петар Маниќ, Тони Михајловски, Ведран Чешарек, Александра Пешевска, Зефанаја Тери, Марјан Наумов, Жаклина Стефковска, Марија Јанчевска, Далиа Стоименова и Јасмина Василева.

„Уште една игра“ е приказна за Мартин, 16-годишник од Чучер-Сандево, кој има желба да стане ѕвезда како професионален гејмер — стремеж што се коси со желбите на неговата мајка за негово традиционално образование. Кога неговиот најблизок пријател, Димитар, добива можност да оди на проба за најдобриот европски еСпорт тим, Dynasty, Мартин со нетрпение ја прифаќа шансата да остави свој белег.

Се надевам дека филмот ќе има публика. Чисто од аспект на тоа дека ќе се створат можеби други другарства преку тоа, и плус мислам дека е право време на генерациите што ние сме растеле – јас сум 40 години – што ние сме играле „Кантер страјк“ и луѓе сега што играат „Кол оф дјути“. Може татко и дете да најдат некоја заедничка работа да се поврзат на еден начин како генерација. Еј знаеш, татко ми ме учеше, татко ми играше „Кантер страјк“, јас сега играм „Кол оф дјути“. Да се направат некакви си спомени. Зашто се друго поминува, тие спомени остануваат, вели Китановски.

Китановски и Јансен на средбата со новинарите објаснија како го пронашле Петар Маниќ, кој го толкува ликот на Мартин и како течел целиот кастинг за филмот кој го работела Милка Анчевска.

Во Македонија немаше толку многу млади актери на таа возраст, 16 години, особено да можат да носат долгометражен филм и да ги издржат сите тие денови, а знаевме дека тие денови ќе бидат многу тешки. Така што, се сеќавам дека правевме кастинг и тогаш Тони Михајловски дојде, требаше да правиме кастинг за ’Серџ’. И се сеќавам кога Тони беше тука, добив порака: Петар Маниќ штотуку слушна дека Тони е тука, па сака да дојде и сака да глуми со него веднаш. Тони Михајловски е веќе име, а Петар беше во фазон дека сака да биде таму, сака да глуми со него и имаше толку многу самодоверба и желба само во тоа. Тоа беше една од оние работи за кои бевме многу возбудени — да го видиме Тони, а потоа да слушнеме дека има некое дете кое навистина сака да покаже што знае со овој човек. Петар ‘растури’ на кастингот1 И потоа седнуваш со него — беспрекорен англиски, што е исто така важна работа, бидејќи јазикот е голема тема во овој филм. Кај други актери кои беа потенцијални за улогата на Мартин, забележав дека навистина се мачеа со англискиот и веднаш престанував да им верувам, бидејќи премногу се бореа со јазикот. За Петар, тоа воопшто не беше проблем, вели Китановски, кој потсети дека Маниќ и Михајловски веќе глумеа заедно во филмот „Стела“.

По премиерата во „Синаплекс“, „Уште една игра“ ќе почне да се прикажува во кината во Македонија од 12 март.


Поврзани вести