Skip to main content

Агенцијата за филм учествуваше во сегментот „Балканот во фокус“ на Меѓународниот фестивал на документарен филм во Бијариц, Франција

Агенцијата за филм на Македонија со гордост информира за своето учество во сегментот „Балканот во фокус“ на седмото издание на Fipadoc – International Documentary Festival, реномираниот меѓународен фестивал на документарен филм кој се одржува во Бијариц, Франција, од 24 јануари до 1 февруари 2025 година. Овогодинешниот фестивал ја истакнува богатата документарна ризница на балканскиот регион, во кој учествуваат девет земји: Македонија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Србија, Словенија, Албанија и Босна и Херцеговина.

Низ годините, FIPADOC се етаблира како стратешки центар за европската документарна заедница, со голем фокус на новите и развојни филмски индустрии. Програмата „Балканот во фокус“ (Focus Balkans) ја нагласува виталноста и различноста на документарниот филм во регионот, нудејќи бројни можности за копродукции и прекугранични соработки. Благодарение на поддршката на националните филмски агенции, вклучително и Агенцијата за филм на Македонија, присутните ќе имаат можност за вмрежување со претставници на фестивали, национални филмски центри и дистрибутери.

Понатамошно истакнување на присуството на земјата на фестивалот, е прикажувањето на 3 документарни филмови во различни категории, и тоа:

The Walk (2023), во режија на Тамара Котевска, а во копродукција на Обединетото Кралство, Македонија и Соединетите Држави, беше прикажан како дел од програмата Balkan Focus во две специјални проекции:

– 25 јануари 2025 година, во 12:30 часот – Le Royal salle 1 и

– 29 јануари 2025 година, во 12:00 часот – Casino Municipal – Théâtre

My Summer Holiday, режиран од Петра Селишкар, а во копродукција на Словенија, Македонија и Франција ја имаше својата светска премиера на FIPADOC 2025:

– 28 јануари 2025 година, во 11:45 часот – Gare du midi – Atalaya и

– 30 јануари 2025 година, во 10:30 часот – Le Royal salles 2 и 3

Дополнително, во програмата Impact Documentary, ќе биде прикажан и The Silence of Reason, во режија на Кумјана Новакова, копродукција помеѓу Македонија и Босна и Херцеговина:

– 28 јануари 2025 година, во 15:00 часот – Le Royal salle 1 и

– 31 јануари 2025 година, во 18:15 часот – Bellevue Auditorium

Покрај филмските проекции, FIPADOC беше домаќин и на клучни настани од индустријата за балканските претставници. На 28 јануари, фестивалот одржа сесија Producers Meet Producers, поттикнувајќи можности за соработка и копродукции, а на 29 јануари, фестивалот организираше Balkan Masterclass, обезбедувајќи увид во пејзажот за правење документарен филм во регионот. Програмата ‘Focus Balkans’ беше ‘крунисана’ со специјална балканска вечера, на која претставници од регионот имаа можност да искусат автентични вкусови од балканското поднебје, дополнително зацврстувајќи ги културните и професионалните врски.

На 30 јануари фестивалот беше домаќин на панел дискусија, наменета за претставници од филмските центри и филмските фестивали од регионот, на која како претставник присуствуваше и в.д. директорката на Агенцијата за филм на Македонија, која се вклучи во дискусии за можностите за копродуцирање со нашата земја.

Агенцијата за филм на Македонија останува посветена на поддршката на филмските работници од нашата земја и нивните приказни кои ја одразуваат нашата култура и глобалните теми. Нашето учество во „Focus Balkans“ на FIPADOC 2025 ја зајакнува нашата посветеност на поттикнување меѓународна соработка и го засилува гласот на македонските документаристи на глобалната сцена.

Поврзани вести