Skip to main content

Дима Мидборн и Интурист за прв пат во Скопје: Белградската авангарда пристигнува во Лабораториум

На 4 септември, во Лабораториум, публиката во Скопје за прв пат ќе има можност да ги слушне во живо Дима Мидборн и Интурист – два проекти кои во моментов гравитираат околу современата белградска музичка сцена и се наоѓаат на балканска турнеа. Локална поддршка на настанот е Леа Карине, нов скопски бенд чиј деби албум веќе привлекува внимание и надвор од локалните рамки.

Дима Мидборн е авангарден рок проект на музичар и продуцент базиран во Белград, чиј пристап кон музиката се темели на минимализам – бас, глас, ритам и импровизација. Звукот црпи инспирација од њујоршкиот њу вејв, арт рок и минималистичкиот поп. Во април оваа година го објави својот најнов албум, „Случај“.

Заедно со него настапува и Интурист, музичкото алтер его на Евгениј Горбунов, продуцент, мултиинструменталист и автор чиј пристап кон музиката постојано ги поместува нејзините граници. Неговиот звук се движи низ широк спектар од авант-рок, пост-панк, њу вејв, фри џез до експериментална електроника, споени преку импровизација, хумор и интерес за апсурдот на секојдневието. Композициите често се само почетна точка за настапот во живо, во кој настанува нешто сосема ново. На последниот албум, „Туризам“ од 2025 година, оваа практика се провлекува низ 15 звучни епизоди што се движат меѓу необични текстури, психоделични фрагменти, минималистички ритми и слободна импровизација.

Локалната сцена на настанот ја претставува Леа Карине, најновата музичка надеж од Скопје, чиј деби албум штотуку е издаден и веќе предизвикува сериозно внимание кај локалните, но и кај балканските музички експерти.

Со овој настан се затвора летната иницијатива „Скопје Вибрира“ со која, преку серија на музички и перформативни настани во изминатиот месец, Лабораториум ја раздвижи скопската културна сцена во најтоплиот период на колективни одмори.

Концертите започнуваат во 21ч, а билети по цена од 350ден може да се купат на онлајн платформата МК Тикетс или во Лабораториум на денот на настанот.

Датум: 4 септември
Локација: Лабораториум, Скопје
Почеток: 21часот
Влез: 350ден

Поврзани вести