Skip to main content

Вандализмот нема етничка припадност

Почитувањето на националните симболи е од суштинско значење за негување чувство на национално единство. Тие не се само обични индиректни претставници на граѓаните и нацијата, на нивните идеи или чувства, туку имаат поголемо и подлабоко значење со поширок спектар на вредности кои што ја обединуваат нацијата. Со разбирањето и практикувањето на овие начини на покажување почит, можеме да придонесеме за посилна и покохезивна нација.

Ова е особено важно во земји со изразен мултиетнички предзнак во кои националните симболи претставуваат компилација на вредности и традиција кои треба да ги обединат сите. Независно од тоа што некој од националните симболи целосно не ги отсликува етничките симболи и уверувања на една, две или пак на сите национални ентитети кои се дел од нацијата, на крајот од денот тој симбол претставува заеднички репрезент на сите кои што живеат во таквата држава.

Да, зборуваме за државното знаме на Македонија!

Оспорувано, навредувано, плукано и газеново текот на неговата веќе триесетгодишна историја. Негирано, ако не од сите, барем од поединци на двата најголеми ентитета кои што живеат во Македонија. Постарите добро ги паметат инцидентите кои што беа основа некои поединци да бидат соодветно казнетизаради скрнавењето на државното знаме согласно важечките закони.

Но, очигледно дека нивниот пример и казните со кои што беа санкционирани беа недоволни за да го запре континуитетот на сквернавење на државното знаме и да ги превенира идните обиди за таквото нешто.Денеска, не само што имаме континуитет, туку имаме надградба и проширување на методите на сквернавење на знамето со кои веќе не се изразува само револт и незадоволство од нештата, туку таквиот чин се користи за провоцирање на контрареакции и ескалација со посериозни последици.

Како да се сфати мутацијата на прославата на еден етнички и национален симбол, во дивеење, вандализам и сквернавење на друг национален симбол?!Како да се толкува однесувањето и дивеењето на млади луѓе и малолетници кои од нигде никаде започнуваат да го вандализираат државниот и приватниот имот?!Како поинаку да се сфати, освен како добро осмислена, режирана и спроведена активност вофункција на партиски интереси!

Ќе биде сериозно губење на време ако влеземе во стапицата да одгонетнувамекој, како и зошто стои и се крие зад активностите на т.н. невладини организации кои ја организираа прославата на албанското знаме. Ќе биде непродуктивно надмудрување ако при очи се правиме слепи дека настаните од петокот немат никаква врска со прослава и почит на симболите, туку беа искористени и злоупотребени во функција на политичката агенда на партиите од опозицијата.

Тоа беше сериозно играње со оган кое беше подготвено и режирано од најмалку две партиски кујни кои имаат за цел да профитираат од евентуалната дестабилизација на државата. Беше запрепастувачки и да се следат поедини медиуми, кои уште истата вечер ја прозиваа и провоцираа македонската власт брзоплето да реагира додека во исто време поттикнуваа контра реакција во македонскиот национален кампус. Дали беа дел од поширокото сценарио или се фатија на јадицата како кленови, ќе покаже времето, но факт е дека некој побрза да „истрча гол на терен“ за да го привлече вниманието на себе.

Загрижувачки незрела беше првата реакција и пресконференција на старо-новото раководство на СДСМ, кои наместо фокусот да го стават на осудата на инцидентите и вандализмот, тие побрзаа да бараат оставки од министри во македонската влада. Демек, МВР не отворило војна со демонстрантите и вандалите уште истата вечер, не ги искршила од ќотек, не предизвикала дополнителна ескалација и поради тоа што не им ги исполнила посакуваните планови и сценарија на нивните креатори, министерот треба да си поднесе оставка.

Тоа беше класична инверзија на тези и политичка порака која вината ја лоцира, не кај оние кои ги инспирираа и организираа насилствата, туку кај оние кои што со внимателен и одмерен пристап избегнаа да бидат вовлечени во насилство и дестабилизација на државата. Навистина бевме сведоци на „генијална политичка креативност“ на оние кои што сѐ уште не се сигурни дали со едната нога се на слобода или во затвор.

Од таквите „фраери“ не можат да се очекуваат поинакви политики. Во услови кога светот врие и се отвораат нови точки на судир (Грузија, Сирија…) заедно со постоечките (Украина, Блискиот исток…), кога во регионот и соседството се случуваат конкретни диверзии и провокации кои имаат за цел да предизвикаат отворање на нови жаришта, ваквите активности кај нас не се ништо друго освен дел од тој глобален судир во кој различните страни имаат сопствени интереси за предизвикување на пожари во дворот на непријателот. Многу е едноставно и исклучително на таков начин треба да се гледа на нештата. Секој поинаков пристап претставува израз на наивност кој ќе им овозможи простор на оние кои што имаат за цел и интерес да ја дестабилизираат Македонија.

А, тие нема да запрат! Дали тоа ќе биде преку нови обиди за нарушување на редот и мирот, криејќи се зад невладини организации или преку директни политички активности, тоа е работа на нивна проценка. Факт е дека НВО секторот отсекогаш бил одлична алатка и полесната метода за да им се сервира на граѓаните нешто кое што ќе ја скрие и маскира партиската структура која има за цел да се добере до власта и да ги дисквалификува реалните и искрени припадници на НВО секторот уште во првиот момент. Така беше во минатото, така сакаат да биде и во иднината!

Борбата за власт со идеи и проекти е сосема легитимна активност. Но борбата за власт преку немири, кризи, злоупотреба на граѓанскиот сектор и дестабилизација на државата се нешто сосема друго.Затоа, во овој момент е особено интересно да се следи активноста на НВО секторот кој само до вчера спиеше како во длабок зимски сон. На почетокот ќе гледаме активности околу зелената агенда, борбата против загадувањето, насилството врз жената или булингот во училиштата. Патем кажано, ова се исклучително сериозни теми кои постојано треба да бидат ставани пред будното око на јавноста, а не како во случајов да бидат преспивани со години или да бидат маргинално третирани.

Не е тешко да се претпостави какви нијанси со текот на времето ќе добива зелената боја на НВО агендата и воопшто не треба да се сомневаме дека истата ќе го добие добро познатото шаренило, особено во услови доколку политичката понуда на нејзините инспиратори и креатори нема да ги постигне посакуваните ефекти. Тогаш ќе имаме нови изблици на креативност за дестабилизација на државата, слични на оние кои што ги имавме во петокот… „организирани од НВО секторот“.

Поврзани вести