
Возилото „Трабант“ често важи за најлошиот автомобил во историјата на човештвото. Но, малото, енергично источногерманско возило, просто одбива „да изумре“, според познавачите.
Максималната брзина од 112 километри на час своевремено го направи предмет на потсмев во соседната Западна Германија, каде што брендови како „БМВ“ и „Мерцедес“ веќе доминираа на патиштата. Но, благодарение на група ентузијасти кои сè уште се посветени на реставрирање на стари модели, и денес сè повеќе „Трабанти“ се тркалаат на патиштата. Така, тие добиваат нова легија обожаватели. Според германскиот автомобилски клуб „KBA“, околу 40.800 „Трабанти“ се регистрирани во Германија. Пред околу 10 години, имало 33.000, се наведува.
Колекционерот Глен Кушан (58) има вкупно 23 „Трабанти“ во својата работилница за поправка на автомобили во јужен Берлин. Меѓу возилата има и бел модел којшто некогаш му припаѓал на неговиот татко и поминал повеќе од половина милион километри.