Skip to main content

Мицкоски: Филипче е континуитет на политиките на Заев

ВМРО ДПМНЕ

Нашиот политички противник оваа кампања ја започна со негативна кампања. Јас не слушнав до сега од претседателот на СДСМ ниту еден проект ниту една стратешка визија ниту еден проект што ќе значи иднина. Тој самиот вели во неговите говори дека ова раководство на СДСМ е континуитет на раководството на СДСМ коешто седум години ја пустошеше и ја распродаваше Македонија. Па има ли поголема потврда од ова и поголема инспирација за граѓаните во Македонија да излезат на 19 октомври и да гласаат токму против тие политики коишто минатата жестоко ги поразија на парламентарните и претседателските избори, истакна премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на митингот во Ново Село.

Мицкоски посочи дека Филипче е континуитет на политиките на Зоран Заев коишто го осиромашија народот а половина милион граѓани оставија со 150 денари на ден.

Замислете човекот излегува ни срам ни перде, без никаква дилема вели јас сум континуитет на политиките на мојот гуру Зоран Заев. Ајде да се присетиме што се случуваше тие 7 години. Еве дали да почнеме од тоа што половина милион наши граѓани живееја со 150 денари на ден. Дали да зборуваме за пензиите на пензионерите коишто годишно се покачуваа од 130 – 150 до 500 денари максимум. Тоа беа покачувањата на пензиите за нашите пензионери во тие 7 години. Па сега ќе кажат покачувањето што го направи оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ не било доволно па се потсмеваат со тоа, се исмеваат со тоа а забораваат дека повеќе од 350 илјади пензионери досега добија линеарно покачување од 6000 денари а за година и половина заклучно со покачувањето што ќе биде во април месец, односно за месец март, вкупното линеарно покачување ќе биде за секој пензионер за сите овие повеќе од 350 илјади пензионери 7 000 денари. Замислете повеќе од 150 илјади пензионери имаа пензија којашто во тоа време беше под 15 илјади денари 2 пензионери во семејството добиваа вкупна пензија од 30 илјади денари. Сега двајца пензионери во семејството ќе добиваат вкупна пензија од 44 илјади денари. Ако 14 илјади денари во семејство за двајца пензионери на значи ништо за Венко Филипче и за неговиот гуру Зоран Заев, тогаш за нашите пензионери тоа значи многу и го олеснува животот, истакна Мицкоски.

Премиерот додаде дека зголемувањето на пензиите за Филипче не значи ништо затоа што нивните јахти и хациенди вредат милиони.

фото: ВМРО ДПМНЕ

За нив 14 илјади денари можеби не значат ништо затоа што нивните јахти, нивните хациенди на Халкидики и во Дубаи вредат милиони, десетици милиони евра, па, на тој начин тие се потсмеваат со маката на македонскиот народ којшто го осиромашуваа и кој го пустошеа седум години. Овој човек вели дека е континуитет на владата на СДС и ДУИ кои седум го доведе македонскиот народ и граѓаните на питачки стап, истакна Мицкоски.

Да се потсетиме, рече премиерот, и „на националните предавства и распродажбата на Македонија“.

На капитулантскиот договор со нашиот источен сосед, да се потсетиме за она што тие го нарекуваат француски предлог а ние бугарски диктат. 15 пресуди од судот во Стразбур стојат во некоја фиока фаќаат прашина и немаат абер ниту една од нив да имплементираат, а овие наши мислејќи дека на тој начин ќе останат уште долго на власт влегоа во тој аранжман не водејќи сметка за Македонците од другата страна на границата. Денес ќе го слушнете Венко како се препелка на отворена сцена и ќе ви зборува за резолуција со црвени линии. Па ќе зборува за себе дека бил некаков патриот. Зарем некој овде верува дека во СДСМ има нешто патриотско. Зарем некој верува во овие шарени лаги. Затоа е важно на 19 октомври да заокружиме девет за да победи Македонија, рече Мицкоски.

Премиерот изрази убедување дека граѓаните во голем број ќе ја дадат довербата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и ќе гласаат за бројот 9 за да продолжи Македонија да се развива и гради.

Поврзани вести