
Во услови на континуирани „хибридни закани од страна на Русија“ насочени против Европската Унија и нејзините земји членки и партнери, Советот на ЕУ реши за уште една година, до 9 октомври 2026 година, да ги продолжи индивидуалните рестриктивни мерки против лицата одговорни за овие активности во странство.
Со овие санкции досега се опфатени 47 поединци и 15 субјекти на кои им се замрзнати средствата во ЕУ, а на европски граѓани и компании им е забрането да им ставаат на располагање средства, финансии или економски ресурси. Дополнително на физичките лица им е забрането патување, влез или транзит низ територијата на ЕУ.
Рамката на санкциие воспоставена на 8 октомври 2024 година и со нив се опфатени физички и правни лица вклучени во постапките и политиките на Русија „насочени кои поткопување на фундаменталните вредности на ЕУ и на нејзините земји членки, како и нивната безбедност, стабилност, независност и интегритет“. Со овој режим на санкции се опфатени и одговорните за „хибридни активности против трети земји и меѓународни организации“.
Опсегот на оваа рамка на санкции беше проширен во мај 2025 година и со таргетирање на финансиските поддржувачи на активностите и со можност за одземање на лиценците за емитување на руските медиуми.
Европската Унија во континуитет ги осудува „хибридните кампањи на Русија насочени против ЕУ, нејзините земји членки и партнери, кои опфаќаат намерен и систематски модел на злонамерно однесување, меѓу кои и кибер и физички напади, акти на саботажа, оштетување на критичната инфраструктура, манипулации, ширење дезинформации и други тајни или насилни активности“, кои дополнително ескалираа од почетокот на војната во Украина.
Оваа рамка санкции е дел од спектарот на достапни алатки на ЕУ и нејзините земји членки насочени кон заштита, спречување, одвраќање и одговор на злонамерното однесување.