
На настанот Демографски трендови – Заедничка акција за инвестирање и искористување на човечкиот капитал преку петгодишната програма на Владата и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), учество зема и министерот за транспорт, Александар Николоски кој рече дека ова е тема број еден и таа е прашање на животни одлуки, стил на живот и културолошки проблем.
Тој посочи на низа мерки што ги презема Владата.
Многу значајно за секоја брачна двојка е да обезбеди пристојни услови за живот во делот за изградба на куќа или купување стан и решавање на станбеното прашање. Во таа насока мислам дека изградбата на куќи е нешто што треба да го стимулираме во иднина. Во таа насока со општините работиме на активна програма за урбанизирање на делови каде може по прифатливи услови да се градат куќи. Како и за намалување или ослободување од надоместокот за комуналии, кои треба да помогнат што повеќе луѓе да се мотивирани за пониска цена да можат да го изградат својот дом – рече Николоски.
Министерот посочи на инвестициите во локалните самоуправи – училишта, патишта, управување со отпадни води, поврзувањето односно градење патишта за создавање добри услови за живот за луѓето да останат да живеат во своите домови.