Skip to main content

Лесни за одржување, штетни за здравјето: Нелепливите садови за готвење се како темпирана бомба

Практичноста на садовите за готвење со нелеплива површина е неоспорна. Храната се лизга од тавата за време на готвењето и веднаш се одлепува од површината, а чистењето на садот е лесно. Но, покрај тие придобивки, за овие садови има поделени мислења.

Според Агенцијата за заштита на животната средина на САД, тие садови се произведуваат со употреба на тн. „вечни хемикалии“ или ПФАС – соединенија коишто ја овозможуваат нелепливата површина и други својства, но тешко се разградуваат и, кога се во човековото тело, може негативно да влијаат врз здравјето на луѓето, животните и врз животната средина. Така, при купување садови за готвење со нелеплива површина, стручњаците имаат неколку совети и препораки.

Садовите за готвење со ќерамички слој имаат својства на нелепливост, но без хемиски третман, вели Алиша Џонсон од „Сур ла табле“ (Sur La Table). – Тие обично имаат алуминиумска основа и природно нелеплив слој на минерална основа. Совршени се за подготовка на јадења како омлети, риба и палачинки. Сепак, високата топлина и металните прибори можат да ја оштетат површината, вели таа.

Стручњаците препорачуваат:Без ПФАС: Етикетите како „без ПФОА“ или „без ПТФЕ“ значат дека тој сад не ги содржи тие специфични хемикалии, но може да содржат други ПФАС-честици. Побарајте ја етикетата „без ПФАС“ за да бидете сигурни.

Отпорност на топлина: Проверете дали садовите за готвење се погодни за рерна и на кои температури.

Материјал: Ќерамичките и емајлираните садови за готвење се најблиските алтернативи на традиционалните садови за готвење. Нерѓосувачкиот челик, леаното железо, јаглеродниот челик и 100-отсто ќерамичките садови за готвење се, исто така, добри опции, но тие не се по природа нелепливи. Леаното железо и јаглеродниот челик можат да станат нелепливи со текот на времето.

Разновидна употреба: Совршен избор на сад за готвење би бил оној што може да се користи на сите видови шпорети – гасни, електрични и индукциски.

Облик и големина: Изберете садови за готвење што одговараат на Вашите потреби, во зависност од тоа за колку луѓе готвите и што готвите најчесто.

Одржување: Следете ги упатствата на производителот. Некои материјали, како што е леаното железо, не треба да се мијат во машина за миење садови.