
Во вторник на 30. септември во Музејот на Град Скопје, ќе се отвори групната изложба ,,Голем формат”. Изложбата ќе биде отворена за посета до 8.10.2025
„Голем Формат“ го поставува прашањето за моќта на димензиите во современата уметничка продукција. Големиот формат отсекогаш претставувал повеќе од технички избор – тој е израз на амбиција, на желба да се надмине границата меѓу интимното и колективното, меѓу просторот на делото и просторот на гледачот. Како што укажува Розалинда Краус, уметноста на просторот и обемот ја нарушува традиционалната рамка на сликата, трансформирајќи ја во настан, средба и телесно доживување.
Во оваа поставка, големиот формат се појавува како монументален простор, но не во смисла на класичен монумент, туку како поле на слободно движење, каде енергиите се прелеваат меѓу телото, просторот и времето. Тука уметничкото дело не е само објект, туку и состојба на активно искуство – оној „простор во мене, јас во просторот“ што станува личен и колективен чин на присуство.
Големиот формат во современата уметност не е само визуелен импакт, туку и критичко позиционирање. Жан-Франсоа Лиотар пишува дека постмодерното искуство е секогаш поврзано со „големото“ и со „она што не може да се претстави“, со оној момент кога уметноста ја предизвикува нашата перцепција и ја води надвор од границите на видливото . Оттаму, делата во оваа изложба претставуваат отворен дијалог со поимот на просторот како медиум и погледот како чин на телесна интервенција.
„Голем Формат“ не е само техничка категорија – тоа е концепт што повикува на храброст, на ослободување од стандардните формати на секојдневието и на влегување во едно пошироко поле на современа уметничка мисла. Како што би рекол Мишел Фуко, просторот никогаш не е неутрален – тој е испишан со односи на моќ, но и со потенцијали за слобода. Токму тука уметноста ја презема улогата на медијатор меѓу видливото и невидливото, меѓу затвореното и бескрајното.
Оваа изложба е, пред сè, покана за искуство – искуство на форма што се протега надвор од рамката, искуство на обем што го преобликува просторот, искуство на уметноста која зборува со интензитет и со гласот на својата димензија, вели проф. д-р Маја Рауник Кирков, Претседател на Уметнички совет на ДЛУМ.
Јана Манева-Чупоска, претседател на ДЛУМ објаснува дека изложбата „Голем формат“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија претставува значаен програмски настан што отвора можност за ново читање на визуелниот јазик во неговите просторно најамбициозни димензии.
Како програмска изложба на ДЛУМ, „Голем формат“ ја нагласува улогата на друштвото како активен културен чинител. Со оваа манифестација се потврдува значењето на заедничката сцена, но и се отвора простор за нови читања на современата уметност, во контекст на глобалните културни текови. Големиот формат е повеќе од техничка одредница – тој е предизвик и поттик за уметникот да ја истражи границата помеѓу интимното и монументалното, меѓу личниот израз и јавниот простор. Тој отсекогаш бил предизвик – и за уметникот и за публиката. Големиот формат ја нагласува драматичноста на гестот, ја потенцира моќта на автентичниот израз и овозможува поголема слобода во самата композиција. Уметничката површина станува „арена“ во која се преклопуваат интимното и колективното, личниот израз и авторската порака. Оваа изложба во себе ја носи идејата за уметничка храброст и за преминување на границите на традиционалниот формат, отворајќи пат кон доживувачки и монументални изрази кои му даваат ново значење на просторот и на самиот чин на гледање, вели Манева – Чупоска.