
Според новите измени во Законот за безбедност во сообраќајот, кои стапуваат во сила денеска важат нови правила за употребата на мобилните и слушалките за пешаците, велосипедите и тротинетите. Со новите правила, пешаците ќе мора да преминуваат коловоз и велосипедска патека без користење на слушалки во двете уши, мобилни телефони, таблети, смарт часовници и други уреди кои им го одвлекуваат вниманието.
Казната ако поминувате на пешачки премин со телефон во рака или на уво е 40 евра, а за возење тротинет, мотор или трактор со користење на електронски уред казната е 50 евра. Пешакот е должен да се движи внимателно, без да користи уреди кои го намалуваат вниманието при преминување на коловоз или велосипедска патека, пишува во Законот.
Исто ограничување важи и за возачите на велосипеди, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли, освен ако користат специјализирани комуникациски уреди вградени во заштитни шлемови. Новите одредби ги опфаќаат и возачите на електрични тротинети, на кои им е забрането користење електронски уреди за време на управување.
Според овие законски измени, од Нова година ригорозни ќе бидат казните за возачите кои ќе поминат на црвено или непрописно ќе паркираат, а кои ќе се ловат со камерите на проектот Сејф сити.